Ѓорѓиевски: БРТ влегува во фаза на реализација, завршени координациите со ЕБОР

Проектот за Брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје влегува во фаза на реализација, откако се завршени финалните координации со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по работната средба со претставници на Банката.

Според Ѓорѓиевски, по преземањето на мандатот, во координација со Владата, Министерството за транспорт, Министерството за финансии, ЕБОР и другите надлежни институции биле отстранети пречките што со години ја одложувале реализацијата на проектот.

Тој оцени дека БРТ претставува стратешка инвестиција што треба да обезбеди побрз, побезбеден и поеколошки јавен превоз, да го намали сообраќајниот метеж и да придонесе за подобар квалитет на воздухот во главниот град. Истовремено нагласи дека изградбата нема да биде на сметка на постојното булеварско зеленило и дека се предвидени нови зелени површини и дополнително хортикултурно уредување.

Проектот предвидува изградба на две БРТ линии – во правец исток–запад и север–југ, набавка на современи нископодни автобуси на компримиран природен гас или хибриден погон, воведување патнички информативен систем и паметни автобуски станици, како и интеграција со системот за управување со сообраќајот. Финансирањето е обезбедено преку заем од 70 милиони евра од ЕБОР, кој Владата најави дека ќе го пренесе на Град Скопје за реализација на проектот.

Ѓорѓиевски најави дека паралелно со БРТ се работи и на воведување градски воз, набавка на 100 нови автобуси и оптимизација на постојната автобуска мрежа, со цел создавање интегриран систем на јавен превоз во Скопје.

Најчитано