Повеќе од 1.800 граѓани што одговорија на анкетата на Рацин.мк испраќаат јасна порака. Малкумина од македонските граѓани веруваат дека Никола Груевски, ако се врати во Македонија, навистина ќе заврши зад решетки. Само 17,6 отсто од анкетираните сметаат дека исходот ќе биде негово враќање и одење во затвор, додека далеку поголем дел очекува системот повторно да произведе некакво заобиколување на правдата. Анкетата беше отворена на 14 април, во момент кога темата повторно влезе во политичкиот фокус.
Најголем дел од одговорите, 41,1 отсто, одат во насока дека Груевски би се вратил, но дека ќе се најде начин да остане на слобода. Дополнителни 22,7 отсто очекуваат бегство во трета земја, а 18,6 отсто мислат дека ништо суштински нема да се смени и дека ќе продолжи со статуси од Будимпешта.
Собрани заедно, тоа значи дека 82,4 отсто од учесниците не гледаат затвор како најверојатен епилог, а 63,8 отсто директно очекуваат или ново бегање или нов механизам за слобода.
Оваа недоверба не се појавува во празно. Темата повторно се отвори откако по изборите во Унгарија победникот Петер Маѓар порача дека неговата земја повеќе нема да биде засолниште за лица што се барани од правосудните органи во други држави, притоа спомнувајќи го и Груевски по име. Токму тоа ја врати приказната за можна екстрадиција во македонскиот дневнополитички врв и повторно ја стави јавноста пред истото старо прашање: дали системот навистина сака и умее да ја доврши оваа приказна до крај.
Во дневните политички пораки, меѓутоа, веќе се гледа причината зошто јавноста не верува лесно. Премиерот Христијан Мицкоски на 14 април рече дека ако Груевски се појави во Македонија, ќе оди во затвор, но во истата изјава додаде и дека нема очекувања оти тоа ќе се случи. Министерството за правда, пак, соопшти дека ги собира сите судски и обвинителски списи за предметите поврзани со него, додека опозицијата отвори прашања дали Владата навистина ќе бара нова екстрадиција и дали наместо враќање ќе следува ново бегство. Така, наместо јасна правна насока, јавноста повторно добива мешавина од најави, резерви и политички препукувања.
Сомнежот дополнително го храни и самата правна слика. Основниот кривичен суд веќе објави дека извршувањето на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“ е застарено од октомври 2024 година, но во исто време остануваат активни две потерници за извршување санкции за „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“, како и уште активни судски постапки во отсуство. Во ваков лавиринт, анкетата на Рацин.мк повеќе не изгледа само како моментно расположение на читателите, туку како показател дека голем дел од јавноста не верува во државната способност да ја спроведе правдата тогаш кога случајот е најполитички тежок.