Халанд без дилема: Франција ќе нè победи и ќе стане светски шампион

Ерлинг Халанд блеска на своето прво Светско првенство, но пред дуелот со Франција изненади со необично искрена прогноза – дека Норвешка ќе загуби, а Французите ќе го освојат турнирот.

Напаѓачот на Норвешка постигна четири гола на првите два натпревари во групата И и е меѓу најдобрите стрелци на Мундијалот.

Халанд најпрво постигна два гола во победата од 4-1 против Ирак, а потоа уште два во триумфот од 3-2 над Сенегал. Со максимални шест бода, Норвешка веќе обезбеди пласман во нокаут-фазата.

По победата над Сенегал, Халанд не сакаше многу да зборува за сопствениот настап.

„Навистина сум добар во постигнување голови“, кратко изјави норвешкиот напаѓач.

На прашањето што очекува од последниот натпревар во групата против Франција, Халанд даде уште подиректен одговор.

„Не ми е гајле, ние се пласиравме понатаму. Франција веројатно ќе нè победи и ќе го освои турнирот“, рече Халанд.

И Норвешка и Франција имаат по шест бода и веќе се сигурни учесници во следната фаза. Нивниот меѓусебен дуел ќе одлучува која репрезентација ќе го освои првото место во групата И.

Франција во првите две кола го совлада Сенегал со 3-1 и Ирак со 3-0, додека Норвешка постигна седум гола против истите противници.

Иако неговата изјава може да се протолкува како растоварување на притисокот пред натпреварот, Халанд со четирите голови покажа дека Норвешка има напаѓач кој може да биде опасен и за еден од главните фаворити за титулата.

Најчитано