Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Хрватската опозиција не успеа да го распушти Саборот

Хрватскиот Сабор денеска го отфрли предлогот на опозициските партии за распуштање и распишување парламентарни избори, а владејачката ХДЗ оцени дека ова е уште еден срам за опозицијата. 

Против распуштањето беа 78 пратеници, а за него гласаа 59. 

Распуштањето на хрватскиот Сабор беше иницирано од СДП во декември минатата година по аферата „Мрежа“, а потоа на предлогот се приклучи и остатокот од опозицијата, со исклучок на Татковинското движење. 

Откако претседателот на парламентот Гордан Јандроковиќ денеска изјави дека не поминал предлогот за распуштање на парламентот пратениците на Мост и хрватските суверенисти ја напуштија салата. 

Владејачката ХДЗ смета дека прегласувањето покажало нов срам на опозицијата. 

„Нов опозициски дебакл и фијаско. Или бламажа, сеедно. Ваквата опозиција треба да се распушти. Успеа да собере само 59 гласа за распуштање на Собранието“, соопшти ХДЗ, истакнувајќи дека 14 пратеници од опозицијата не се ни појавиле на гласање.

Оттаму наведуваат дека пропадна уште една „иницијатива“ на опозицијата,  од друга страна парламентарното мнозинство (77 + 1) повторно покажало одговорност, цврстина, сериозност и стабилност. 

Хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ Андреј Пленковиќ засега одби да каже кога ќе бидат распишани парламентарните избори, изјавувајќи дека тие „ќе бидат кога ќе бидат“, што опозицијата го толкува како калкулирање со резултатите од изборите за Европскиот парламент. 

Зачлени се на нашиот е-билтен