И по 14 дена, АХВ не ги открива фирмите од млечниот скандал

АХВ не ги открива фирмите кај кои, според сопствените наоди на Агенцијата за храна и ветеринарство, биле утврдени манипулации со декларации на млечни производи, иако од првото соопштение поминаа 14 дена, а директорот Оливер Миланов претходно најави дека имињата ќе бидат објавени „идната недела“. Случајот почна со вонредни контроли на млеко и млечни производи во земјава, при што кај дел од операторите биле утврдени разлики меѓу декларираниот и реалниот состав, а јавноста сè уште нема официјален список кој стои зад спорните производи.

Од АХВ на 1 јуни соопштија дека официјалните ветеринари земале 91 мостра од млеко, млечни производи и сувомесни производи, од домашно производство и од увоз, за да проверат дали производите по квалитет одговараат на она што е наведено на декларациите. Дотогаш биле комплетирани резултатите за 45 мостри од млеко и млечни производи, а кај 10 оператори било утврдено дека анализираните примероци не одговараат на правилата за квалитет, односно дека содржат помал процент млечни масти од декларираното.

Најдрастичниот пример што го објави Агенцијата се однесува на 22 килограми ситно сирење, декларирано со 20 проценти млечна маст, а лабораториски утврдено со само 1 процент. За тој случај била изречена казна од 3.500 евра во денарска противвредност. Уште осум оператори, производители и увозници, добиле казни од по 1.050 евра поради разлика меѓу декларираниот и реалниот процент на млечна маст, а кај еден оператор било утврдено користење растителни, односно палмини масти, во млечен производ. Спорниот производ, во количина од 500 килограми, бил повлечен од промет и уништен.

Но, бројките не го решија клучното прашање за потрошувачите: кои се фирмите и кои производи точно биле спорни. Наместо веднаш да ги објави имињата, АХВ прво се повика на правни ограничувања и можни последици. Миланов, според објавите на Рацин.мк и изјавата пренесена од ТВ24, признал дека институцијата не ги објавува имињата бидејќи постои страв од тужби и правни последици за Агенцијата.

Неколку дена подоцна, Миланов изјави дека имињата ќе бидат објавени следната недела. Tој навел дека меѓу компаниите кај кои биле утврдени неправилности има осум домашни и две увозни фирми, а дека дополнителните проверки треба да покажат дали станува збор за изолирани случаи или за практика што траела подолг период.

АХВ уверува дека безбедноста на производите не била доведена во прашање, туку дека бил нарушен квалитетот и дека потрошувачите биле доведени во заблуда. Тоа објаснување, сепак, не ја намалува јавната дилема. Кога на декларацијата стои еден состав, а анализата покажува друг, потрошувачот не е само административно оштетен, туку директно лишен од правото да знае што купува и кому му плаќа.

Случајот ја отвори и пошироката слабост на системот. Ако институцијата знае кај кого се утврдени неправилности, а јавноста не добива имиња, тогаш контролата останува половична. Казната ја гледа операторот, но граѓанинот не гледа кого треба да избегнува на рафтот. Во таква празнина, довербата се троши побрзо од секоја декларација.

Миланов најави и можни измени на законската регулатива, бидејќи сегашните казни, според него, се ниски. Како една од мерките што се разгледуваат се споменува и одземање на решението за вршење дејност во рок од три години за оператори што повторно ќе бидат фатени во манипулација. Но, додека се најавуваат построги правила, останува фактот дека имињата на компаниите во млечниот скандал сè уште не се официјално објавени.

Најчитано