Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ги отстрани сите сомнежи и јасно стави дознаење дека Иран ќе се натпреварува на Мундијалот.
Зборувајќи во Вашингтон, Инфантино нагласи дека нема сомнение за учеството на иранската репрезентација и дека тие дефинитивно ќе бидат на турнирот.
„Репрезентацијата на Иран доаѓа, сигурно. Се надеваме дека дотогаш ситуацијата ќе биде смирена, што би помогнало. Но, Иран мора да дојде, тие го претставуваат својот народ, се квалификуваа и играчите сакаат да играат“, откри Инфантино.
Шефот на ФИФА изјави дека неодамна ја посетил иранската репрезентација, кога се подготвуваше во Анталија.
„Отидов да ги посетам пред две недели. Играчите сакаат да играат, без оглед на политичките околности, тие веруваат дека фудбалот треба да биде мост меѓу луѓето од целата планета“, заклучи Инфантино.
Според планот, иранската репрезентација треба да пристигне во тренинг-кампот во Тусон, Аризона, до 10 јуни, а сите натпревари од групната фаза ќе ги играат во Соединетите Американски Држави.
На 16 јуни утрото во 3 часот Иран отвора против Нов Зеланд. Потоа на 21 јуни од 21 часот ќе се соочи со Белгија, а последниот меч од групната фаза го има на 27 јуни од 5 часот сабајлето против Египет. Првите два дуела ги игра во Инглвуд, Калифорнија, додека третиот во Сиетл, Вашингтон.