Итни промени во Изборниот законик пред локалните избори догодина, надзор и контрола врз онлајн порталите кои добиваат буџетски пари за рекламирање на политичките партии за изборите и укинување на платеното политичко рекламирање од буџетот на државата.
Ова накратко беа клучните поенти и предлози на надлежните од Државниот завод за ревизија (ДЗР), Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и од Државниот завод за ревизија (ДЗР) на првиот ден од конференцијата „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија”, организирана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) во соработка со Фондација Метаморфозис, а поддржана од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој (FCDO) на Владата на Обединетото Кралство.
Дводневниот настан има за цел на едно место да собере експерти, политичари и претставници на граѓанското општество со цел да се истражи интеракцијата помеѓу парите, медиумите и политиката во изборниот процес во земјава.
„Нашата главна мотивација за да се впуштиме во ова, односно во истражувањето на трошењето на јавните пари и медиумите беше навистина чест и предизвик. Ако сакаме да имаме демократија, таа треба да се заснова на градење на довербата, а за да имаме доверба, мора да има отчетност“, рече Филип Стојановски, програмски координатор во Фондација Метаморфозис.
Годинава за изборите постигнат рекорд од 1.417 часа платено политичко рекламирање
Oд Буџетот за платено политичко рекламирање се одвојуваат големи средства за што сведочи фактот дека за овие парламентарни и претседателски избори во регистрите на ДИК се пријавиле 39 телевизии, 38 радија, 11 печатени медиуми и вкупно 251 интернет портали.
„Исклучително висок ризик од корупција произлегува и од тоа што податоците за сопственичката структура и уредништвото на одредени интернет медиуми се нетранспарентни. И, згора на сè, во Изборниот законик недостигаат одредби за огласувањето на социјалните мрежи. Агенцијата има сериозни забелешки на одредбите од Изборниот законик во делот на медиумското претставување генерално и на одредбите за ППР посебно. Во повеќе наврати досега јавно имаме истакнато дека самиот Изборен законик е извор на изборни ризици поради одредени решенија, недореченост и неконзистентност на одредбите. Сметаме дека е неопходна негова темелна ревизија или донесување нов Законик“, изјави Зоран Трајчевски, директор на АВМУ.
Тој истакна дека обемот на емитуваното платено политичко рекламирање се зголемува од година во година. Па така, на предвремените парламентарни избори во 2020 година, на телевизиите и радијата заедно, вкупно биле емитувани 470 часа реклами. За локалните избори во 2021 година, во двата круга заедно, на сите радиодифузери биле емитувани вкупно 765 часа платено политичко рекламирање. За изборите во 2024 година (парламентарни и претседателските) имало рекорден обем платено политичко рекламирање на програмите на радиодифузерите – вкупно околу 1.417 часа (850 часа беа за двата круга претседателски избори и 567 часа за парламентарните избори), за 31 ден изборна кампања.
Максим Ацевски, директор на Државниот завод за ревизија истакна дека нивното учество во работната група за Министерството за правда за измени во Изборниот законик било „класично губење време“.
„Колачот за платено политичко рекламирање (ППР) го земаат најголемите политички партии. Се работи за големи суми пари, посебно што и партиите имаат можност да ги прелеваат од редовната сметка на партијата“, вели Ацевски.
За претседателските избори, од седум учесници, имало 7 милиони евра расходи за рекламирање, додека за претседателските – од 17 учесници имало 6,1 милиони евра расходи за оваа намена.
Од овие пари, за претседателските избори 74 отсто добиле телевизиите, 7 отсто радијата, 19 отсто онлајн порталите и 1 отсто за весниците. За парламентарните избори, пак, 73 отсто од парите за реклами се слеале во телевизиите, 6 отсто кај радијата, 20 отсто кај порталите и 2 отсто во весниците.
„Дали има потреба да се трошат овие средства? Тие не го даваат посакуваниот ефект“, вели Ацевски и додава дека регистрирани се десетина слабости во Изборниот законик. Како едни од клучните тој ги посочи преиспитувањето на можноста за финансирањето на кампањата од редовната сметка на партијата и прогласување на надлежен орган за интернет порталите, со цел да се доуредат условите за распределба на буџетските средства за изборните реклами.
„Во 2025 година се локалните избори, значи не е веќе 5 за 12, туку 12 и 5. Да не дозволиме да се менува Изборниот законик половина година пред избори“, вели Ацевски.
Кондарко: Државната изборна комисија не може да се бави со финансиите
Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија го отвори прашањето во однос на тоа дали воопшто ДИК треба да биде надлежно тело за да се занимава со финансиите.
„ДИК ги организира и ги спроведува изборите, а не треба да се бави со финансиските извештаи и со парите“, вели Кондарко, додавајќи дека предлогот од 2019 година бил Министерството за финансии да се занимава со финансиите за изборите.
„Не велам дека тоа мора да биде Министерството за финансии, но ние немаме кадар да се бавиме со овие прашања. Губиме време и енергија, наместо да спроведуваме избори“, оценува Кондарко.
На последните избори, во двата изборни циклуса се потрошени 13,7 милиони евра. Од овие пари, 77 отсто за претседателските и 64 отсто за парламентарните избори биле средства од буџетот на државата. За политичкото платено рекламирање, за претседателските избори биле потрошени 85 отсто од овие пари, а 77 отсто за парламентарните избори.
Цвета Ристовска, членка на Антикорупциската комисија, посочи дека 20 отсто од порталите и 60 отсто од телевизиите не доставиле финансиски извештаи за тоа како се потрошени парите што ги добиле од државата, преку учесниците на изборите.
„Доколку остане платеното политичко рекламирање, критериумите за тоа како се делат парите мора да се подобрат. Дополнително, проблем претставува и можноста да се донира на сметките на партиите и по конечноста на резултатите од изборите. И за крај, мора да се знае кој портал кои услови треба да ги исполнува за да може да учествува во платеното политичко рекламирање, бидејќи надзорот и контролата изостануваат“, вели Ристовска.
Сем Пауер, меѓународен експерт за политичко и партиско финансирање, правејќи паралела со останатите европски држави, рече дека Северна Македонија има голем степен на државно финансирање, но дека тоа е практика што е прифатена ширум Европа.
„Со тоа се прифаќа дека политичките партии вршат добра јавна работа и дека политиката е фер и правилна. Надзорот е она што е тешка и проблематична работа, бидејќи мора да има јасни правила“, рече тој.
Пауер е еден од говорниците на утрешниот, втор ден од конференцијата „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“, на која ќе се отворат прашањата за следење на интернет порталите за време на изборните кампањи во Северна Македонија и за споредба меѓу Македонија и европските земји во однос на политичкото и партиско финансирање. Воедно, ќе бидат покриени и темите за покривање и прикажување на прашањата за жените и родовата еднаквост од страна на онлајн порталите за време на парламентарните избори во 2024 година и социјалната инклузија во онлајн медиумите и изборното рекламирање.