Изложбата на фотографии „Приспивни сирени“ на Атовска во КИЦ-Софија отворена со емоционален набој и бурни аплаузи

Синоќа (4-ти мај) во Културно-информативниот центар на РСМ во Софија беше отворена изложбата “Приспивни сирени” на македонската новинарка Кристина Атовска, во продукција на Виктор Петрески. Изложбата е создадена по тримесечниот престој на Атовска на воените жаришта во Украина и снимањето на нејзиниот документарен филм со истиот наслов.

Изложбата ја отвори директорот на КИЦ на РСМ, д-р Сашко Насев, кој зборуваше за блиските македонско-украински врски и за трагедијата предизвикана од агресијата на Руската Федерација врз Украина.

Пред бројните гости се обратија и претставничката на украинската амбасада во Софија, Ирина Козик, и познатата украинска писателка и преведувачка на повеќе од 30 македонски автори на украински јазик, Ана Баграјана. Тие изразија благодарност до КИЦ на РСМ во Софија и до авторите за овој извонредно храбар чин.

Со високо емотивен набој Кристина Атовска и Виктор Петрески со страст зборуваа за нивното дело. Атовска по тримесечниот престој на воените жаришта во Украина пластично ги долови трагедиите во Буча, Харков и други украински градови. Публиката имаше можност да го проследи и трејлерот од документарниот филм “Приспивни сирени”. Документарец веќе е прикажан во Скопје и на повеќе меѓународни филмски фестивали.

Присутните на отворањето на изложбата со восхитеност ја поздравија помошта од секаков вид што малата Северна Македонија и ја пружа на прекрасната и голема Украина. Исклучително благородниот настан во КИЦ на РСМ во Софија беше поздравен со бурни аплаузи од публиката.

Треба да знаете
Moже да ве интересира