Израелската војска рано утринава соопшти дека нејзините војници ја напаѓаат болницата Ал-Шифа во Газа, комплекс згради каде што илјадници луѓе се засолниле, а условите за пациентите стануваат сè помрачни како што залихите се намалуваат. Борбите се водат во близина со денови, а болницата беше погодена најмалку четири пати во текот на викендот, пренесува Њу Јорк Тајмс.
Во соопштението објавено на социјалните мрежи, израелските одбранбени сили соопштија дека започнале „прецизна и насочена операција против Хамас во одредена област во болницата Шифа“. Останува нејасно колку војници биле вклучени во нападот или која била нивната непосредна цел.
Израелските команданти велат дека борците на Хамас изградиле подземен оперативен центар и тунели под болницата. Тие го обвинија Хамас, вооружената група која ја контролира Газа, дека користи пациенти, лекари и болнички работници како жив штит за командните центри и безбедните куќи. Хамас и претставници на болницата ги негираат обвинувањата.
Како што пренесува Њу Јорк Тајмс, работниците во Ал-Шифа закопаа десетици тела на комплексот бидејќи телата почнаа да се распаѓаат и претставуваа опасност по здравјето, според медицинските власти во Газа.
Директорот на болниците во Газа, Мохамед Закут, по телефон изјави за американски медиуми дека пациентите, вклучително и децата, се преплашени откако израелските сили упаднаа во комплексот објекти на најголемата болница Ал Шифа.
„Луѓето врескаат. Ова е многу застрашувачка ситуација… не можеме да направиме ништо за пациентите освен да се молиме“, изјави тој.
Ал Џезира ја доби снимката од разговорот помеѓу лекарот од болницата Ал-Шифа, Мунир ал-Барш и израелските сили.
„Тоа што сте во болницата ќе создаде состојба на страв и хистерија кај пациентите овде“, се слуша како ал-Барш им кажува на израелските војници, велејќи дека ходниците се „полни со луѓе“.
„Сите катови на болницата се полни со луѓе од првиот до шестиот кат. Постојано кажувате дали ова ќе ви создаде проблем. Ако сакате да влезете и сами да се уверите, болницата е полна со луѓе. Одделот за прием и хирургија е полна со раселени лица. Одделот за дијализа е преполн со луѓе. Породилното одделение, радиологија и администрацијата се празни. Одделот за изгореници, од десната страна на болницата, е полн со пациенти и раселени луѓе“.
Според најновите информации од Министерството за здравство на Газа, во болницата има околу 2.500 луѓе – медицински тимови, пациенти – вклучувајќи 600 ранети и 36 новороденчиња – и раселени лица кои се засолнуваат во болницата.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа рече дека „болниците и пациентите мора да бидат заштитени“ како одговор на прашањето за операцијата на Израел во болницата „Ал Шифа“ во Газа.
„Нема да коментираме детално за тековната израелска воена операција. Како што веќе рековме, не поддржуваме воздушни напади врз болница и не сакаме да видиме пукање во болница каде што се невини, болни луѓе кои бараат помош и се фатени во вкрстен оган. Болниците и пациентите мора да бидат заштитени“, се вели во кусото соопштение.
Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „детално разговараа за тековните напори за ослободување на заложниците што ги држи Хамас за време на телефонскиот разговор вчера попладне“, соопшти Белата куќа.