ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ доби сертификати за два меѓународно признати стандарди, ISO 9001:2015 за управување со квалитет и ISO 14001:2015 за управување со животната средина.
Сертификатите му беа врачени на директорот на претпријатието, Душко Коцевски, од претставник на сертификациското тело „Интерцерт“, кое го спроведе процесот на сертификација. На доделувањето присуствуваа и вработени кои биле директно вклучени во воспоставувањето на новите системи.
Од ЈП ПОЦ велат дека воведувањето на стандардите треба да донесе појасни процедури, подобра организација на работните процеси и континуирано следење на резултатите.
„Овие сертификати се резултат на конкретна работа и ангажман на повеќе служби и вработени во претпријатието. За нас тие не се само формално признание, туку воспоставен систем според кој треба да продолжиме да работиме, со јасни процедури, мерливи резултати и постојано подобрување“, изјави Коцевски.
Тој додава дека покрај подобрувањето на услугите, претпријатието сака да воведе и повисоки стандарди во односот кон животната средина.
ISO 9001:2015 се однесува на системот за управување со квалитет и треба да придонесе за поголема ефикасност, подобро организирани процеси и повисоко ниво на услуги за корисниците.
ISO 14001:2015 е насочен кон управувањето со животната средина. Неговата примена подразбира поодговорно користење на ресурсите, подобрување на еколошките практики и намалување на влијанието на работењето врз животната средина.
Од ЈП ПОЦ велат дека воведувањето на двата стандарда е дел од планот претпријатието да се развива како современ и поефикасен јавен сервис.
