Казино кај гробиштата во Блаце? ДУИ бара документација, Макотен демантира

ДУИ побара надлежните институции веднаш да ја објават намената на објектот што, според партијата, се гради во близина на гробиштата во Блаце, откако во јавноста се појавија информации дека парцелата на која се изведуваат градежни активности е во сопственост на компанијата „Flamingo Casino“.

Од партијата велат дека градежните работи ја вознемириле јавноста и дека доколку се потврди дека на локацијата се гради објект поврзан со игри на среќа, тоа би било неприфатливо за место што граѓаните го доживуваат како простор на сеќавање, мир и достоинство. ДУИ бара да се објави целокупната документација, да се запрат активностите до разјаснување на случајот и да се испита како е дозволена таква дејност во близина на гробишта.

На прес-конференција, Имране Велиу од ДУИ изјави дека гробиштата не се место за казино, ниту простор за комерцијален профит. Партијата го поврза случајот и со повлекувањето на предлог-законот за игри на среќа, со кој беше најавувано регулирање на оддалеченоста на казината и клубовите од училишта и други чувствителни зони.

По обвинувањата, реагираше компанијата „Макотен“, која стои зад брендот „Казино Фламинго“. Од компанијата ги отфрлија тврдењата како клевета и наведоа дека „Казино Фламинго“ не црта градежни парцели, ниту се занимава со урбанистичко планирање. Во реакцијата се наведува дека секоја инвестиција на компанијата во Македонија се прави во согласност со законските прописи.

Од „Макотен“ велат дека брендот „Казино Фламинго“ речиси две децении работи во хотелски комплекс на граничниот премин Богородица и речиси шест години во хотелот „Мериот“ во Скопје. Компанијата порача дека нема намера со нов инвестициски проект да го наруши својот углед и побара нејзиното име да не се користи во дневнополитички препукувања.

Случајот доаѓа во период кога повторно е отворена темата за законското регулирање на игрите на среќа. Предлог-законот за игри на среќа беше повлечен од собраниска процедура и вратен во Влада на допрецизирање, а една од клучните одредби предвидуваше казината и клубовите со видео лотариски машини да бидат најмалку 500 метри оддалечени од основни и средни училишта.

Зачлени се на нашиот е-билтен