На денешното рочиште за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Обвинителството презентираше нов сет материјални докази поврзани со годишните програми, кварталните планови и службените документи на Дирекцијата за заштита и спасување, со кои се отвори прашањето како објекти со висок јавен ризик останувале надвор од систематскиот инспекциски надзор.
Според доказите презентирани во судницата во Идризово, т.н. кабаре „Пулс“, но и други објекти во Кочани, не биле опфатени со плановите за надзор на ДЗС. Во судот беа прикажани планови за квартални инспекциски контроли, годишни програми и службена документација на Дирекцијата за заштита и спасување, потпишани со името на Шабан Салиу, кој бил директор на институцијата од 2012 до 2017 година.
Салиу во судницата реагирал дека дел од потписите на документите не биле негови, иако на нив стои неговото име како директор. Со тоа, судењето отвори уште едно важно прашање – не само дали надзорот бил планиран и спроведен, туку и како се потпишувале, одобрувале и контролирале службените документи во институцијата.
Обвинителството посочи дека во 2015 година Кочани немало назначен инспектор, што, според нив, се гледа од годишните програми и распоредот на инспектори. И покрај тоа, истата година инспектори од Скопје извршиле надзор само врз еден правен субјект со низок ризик, што обвинителството го оцени како селективно постапување.
Во делот на угостителските објекти, било посочено дека програмите од 2012 до 2014 година предвидувале надзор врз поголеми хотели, ресторани и мотели, но не и врз кафулиња и дискотеки. Токму таа празнина е суштинска за процесот, бидејќи „Пулс“ функционирал како објект во кој се собирале голем број млади луѓе, со музички настапи, техничка опрема, публика и ризици што бараат посебна противпожарна и безбедносна контрола.
Александар Наунов, татко на Надица Наунова, која загина во пожарот, и претседател на Здружението „16 Март Кочани“, по рочиштето изјави дека денешните докази отвораат уште посериозни прашања за начинот на работа на институциите.
„Денес во судница слушнавме одбрана дека дел од потписите не биле на обвинетиот. Иако на документите стоело неговото име како директор, остана впечаток дека најголемото прашање повеќе не е кој ја водел институцијата, туку кој го држел пенкалото“, рече Наунов.
Тој оцени дека, доколку навистина некој друг потпишувал наместо директорот, тоа би укажувало на системски пропусти во контролата.
„Ако некој можел да става туѓ потпис, да поминуваат планови и извештаи без знаење на раководството, тогаш прашањето е каде била контролата. Директорската функција не е рамка за име на документ, таа носи одговорност за тоа што излегува од институцијата“, додаде Наунов.
На претходното рочиште беа презентирани докази за инспекциските надзори на општинските инспектори, а денеска обвинителот продолжи со материјални докази поврзани со инспекциските надзори за угостителска дејност спроведувани од Општина Кочани. Во доказниот сет биле презентирани извештаи за работа на инспекторите, овластувања на градежни инспектори, како и документација за заеднички инспекциски и теренски надзори.
Обвинителството приложи и решенија за вработување овластени градежни инспектори, кои, според нив, се релевантни за утврдување на надлежностите и одговорностите во периодот пред пожарот. Овој дел од доказната постапка треба да покаже кој имал обврска да постапува, кој имал овластување да контролира и дали институциите го користеле тоа овластување во објекти каде што постоел очигледен јавен ризик.
Пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. За пожарот се обвинети 35 физички и три правни лица, меѓу кои сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри, припадници на агенцијата што го обезбедувала објектот и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Денешното рочиште повторно ја врати во центарот на процесот главната дилема што ја следи трагедијата од самиот почеток: дали „Пулс“ бил само објект во кој се случила несреќа, или бил последица на систем во кој контролите биле нецелосни, селективни, недоволни и институционално распарчени.
