Кочани се соочува со опасност од рестрикции откако потрошувачката на вода во повеќе населени места се зголемила за повеќе од двојно и сериозно го оптоварила водоснабдителниот систем.
Општина Кочани соопшти дека енормно зголемена потрошувачка е регистрирана во Оризари, Грдовци, Горни Подлог, Долни Подлог, Тркање и Мојанци. Наместо вообичаените околу 23 литри во секунда, потрошувачката достигнала 53 литри во секунда.
Како главна причина се посочува масовното користење на водата за пиење за наводнување тревници, бавчи и земјоделски култури, како и за миење дворови, бекатон и други површини.
Високите зони веќе се соочуваат со сериозен недостиг, а продолжувањето на ваквата потрошувачка може да го загрози редовното снабдување и во останатите населени места. Од Општината побараа водата веднаш да престане да се користи за наводнување и миење и да се троши исклучиво рационално.
Доколку апелите не дадат резултат, најавено е воведување рестрикции за корисниците кои несовесно ја трошат водата. Засега не е објавено кога би почнале ограничувањата, ниту во кои временски периоди би се применувале.
