Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Kонцерт „Светлина“ со Станко Мадиќ и Оливер Балабурски во Филхармонија

Македонската филхармонија најавува уште еден импресивен концерт – „Светлина“, кој ќе се одржи в четврток, на 4 април во 20 часот.

Како солист ќе настапи извонредниот виолинист Станко Мадиќ (Србија/Германија), концертмајстор на Радио-оркестарот на Минхен. За првпат во Македонија, Станко Мадиќ ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 еден од највлијателните современи живи композитори, Петерис Васкс од Латвија.

„Чиста убавина на звукот“ – така е опишано ова дело со наслов „Далечна светлина“, а создадено во 1996 година на барање на латвинскиот познат виолинист Гидон Кремер. По скоро две децении од неговото создавање, денес овој концерт е веќе класика и е дел од репертоарот на големите симфониски оркестри. Петерис Васкс во ова дело ги внел својата душа и меланхолична страст, неговите силни врски со природата, верувањата и идеалите кои ги гледа како полека исчезнуваат насекаде, и претставува центар на севкупното негово творештво.

Диригент на концертот „Светлина“ е маестро Оливер Балабурски кој долги години живее и твори во Канада, а со Македонската филхармонија ќе диригира по подолг период пауза. Заедно со оркестарот на Филхармонијата и маестро Балабурски, ќе биде изведена и Симфонијата бр.4 во F-moll, оп.36 од рускиот музички гениј Петар Илич Чајковски. Токму Четвртата симфонија претставува своевиден автопортрет – симфониски хибрид, во кој се вкрстуваат архитектонската форма со поетиката на симфониската поема.

Македонскиот диригент Оливер Балабурски, кој годиниве наназад живее и работи во Канада, во неговата 30-годишна кариера како уметник, имал можност да изведува дела од различни музички жанрови – оперска, симфониска, камерна и забавна музика, како и живи изведби на неми филмови со оркестар. Во изминатите неколку години, маестро Балабурски се внесе и во полето на компонирањето и како резултат на тоа, се реализираа две светски премиери на неговите дела – музичка нарација во пет дела со наслов „Вратата на Сејди“, со приказна напишана од Едвард Мол, како и Рапсодија за оркестар „Багосеним“, што значи „Постои надеж“. Преводот е направен благодарение на луѓето од Чипвас од Рама првата нација и чуварите на јазикот и дијалектот Mnjikaning/Rama.

Оливер Балабурски зад себе има многу успешни концерти и настапи со истакнати оркестри и ансамбли, како Симфонискиот оркестар на Кралскиот музички колеџ од Лондон, Националната опера и балет, Националната филхармонија, Симфонискиот оркестар на Поголемата Област на Торонто, Симфонискиот оркестар на Универзитетот во Торонто, Операта на народниот театар во Белград, Нишкиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Хуронија…

Инаку, маестро Балабурски во 2008 година дипломира како магистер по музика, магистер по изведба (диригирање) на Универзитетот во Торонто, под менторство на еминентниот диригент, проф. Рафи Армениан. Како дел од неговите магистерски студии, тој тесно соработува со проф. д-р Дорин Рао на Универзитетот во Торонто, исполнувајќи ја неопходноста за филозофскиот и практичниот пристап кон екстензивната вокално-инструментална музика.

Неговата диригентска кариера започнува со првите ангажмани во 1991 година, во Македонската опера и балет, под менторство на истакнатиот диригент Ванчо Чавдарски. Во 1999 година беше награден со „Норман Дел Мар Јуниор“, стипендија за диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, Велика Британија, каде специјализира симфониски репертоар и студира со истакнатиот диригент и професор Џон Кару. Тој ја имаше честа активно да учествува на мастер-часовите со Сер Роџер Норингтон и Мајкл Тилсон Томас и со еден од најголемите авторитети за творештвото на Јохан Себастијан Бах, Хелмут Рилинг.

Во 1992 година дипломира како хорски диригент во класата на проф. Драган Шуплевски и во 1995 година дипломира диригирање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во класата на проф. Фимчо Муратовски.

По враќањето на маестро Балабурски од Велика Британија, тој беше назначен за уметнички директор и диригент на тогашната Опера на Македонскиот народен театар. До 2004 година беше главен диригент во истата оперска компанија, по што емигрира во Канада. Добитник е на многу награди и признанија како што се: Награда за признание на новодојденец – имигрантски уметник од округот Симко, Онтарио, Канада; признание на извонредната служба од Харт Хаус, Универзитетот во Торонто; Стипендија за успех „Артур Плетнер“ на Универзитетот во Торонто; стипендија на Универзитетот во Торонто; „Норман Дел Мар Јуниор“– стипендија на Кралскиот музички колеџ, Лондон, Велика Британија; стипендија од Македонската влада за специјализација; Македонска национална стипендија за талентирани студенти.

Станко Мадиќ (Белград, 1984) студиите по виолина ги започнал на шест годишна возраст во класата на проф. Роберт Тошков и продолжил со проф. Дејан Михаиловиќ, во чија класа на само 14 години станал студент на Белградската музичка академија како прворангиран студент на приемниот испит. На 17 години дипломирал како најдобар ученик на својата генерација. Мадиќ е добитник на стипендија од Кралското семејство Караѓорѓевиќ. Магистерските студии на Новосадската државна академија на уметности ги завршил на 19 години, повторно во класата на проф. Михаиловиќ, а студиите ги продолжил во класата на проф. Игор Малиновски на Музичката академија „Карл Марија фон Вебер“ каде што се стекнува со втора магистерска диплома. Од 2002 до 2008 бил вработен во Новосадската државна академија на уметностите како асистент на проф. Мегуми Тешима, а во меѓувреме се усовршувал следејќи различни мастер-класи кај светски познати виолинисти како Виктор Третјаков и Мидори Гото. Потоа во Операта во Дрезден станал постојан член, а од 2011 до 2018 и концертмајстор на Државната филхармонија во Нинберг. Моментно е концертмајстор на Радио-оркестарот на Минхен, но беше и првиот концертмајстор на регионалниот „Ноу Бордерс“ оркестар, кога снимија ЦД за „Дојче Грамофон“ и реализираа светска турнеја.

Но, како концертмајстор, Станко Мадиќ гостувал во различни оркестри во Германија и во светот, а како солист, камерен и оркестарски музичар настапувал со едни од најистакнатите уметници во светот: Марта Аргерич, Зубин Мехта, Пласидо Доминго, Емануел Пају, сер Колин Дејвис, Албрехт Мејер… Се разбира, како солист настапувал и во неговата родна земја со сите оркестри. Во 2020 година сними ЦД за „БР Класик“ изведувајќи го Концертот за виолина „Далечна светлина“ од Васкс, за кој критиката напиша дека е една од најдобрите снимки на ова дело. Добитник е на први и специјални награди на многу значајни меѓународни натпревари. Свири на виолина на Карло Карлети од 1908 година, добиена со поддршка на „Комерцбанк“ од Нинберг, како и на модерна виолина направена специјално за него од Сава Гришенко познат изработувач на виолини од Минхен.

Зачлени се на нашиот е-билтен