Кошта: ЕУ е најдоверливиот партнер на Западен Балкан

Кошта

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денес во Тирана изјави дека Европската Унија е најсигурен партнер, најголем инвеститор и главен трговски партнер на Западен Балкан и Албанија, и ја пофали решителноста и напорите на Албанија за приклучување кон ЕУ.

На прес-конференцијата со албанскиот премиер Еди Рама, Кошта потсети дека минатата недела, на осмата конференција за пристапувањето на Албанија во ЕУ, беше потврден нејзиниот напредок и дека ги исполнила привремените цели од преговорите за кластер 1 – основите.

„Континуираната, видлива политичка посветеност на владеењето на правото и обезбедувањето независно и одговорно судство е клучна основа за членство во ЕУ. Ве охрабрувам да ги засилите напорите во борбата против корупцијата и организираниот криминал“, рече Кошта.

Претседателот на Европскиот совет нагласи дека членството во ЕУ е повеќе од само влегување во единствениот пазар, беше објавено на веб-страницата на Европскиот совет.

„Тоа значи приклучување кон политичка заедница изградена врз заеднички вредности, која дели заеднички стратешки избор. Европската Унија создаде траен мир и стабилност за своите членки преку отпорни институции и силни економски врски“, рече Кошта.

„Проширувањето им нуди исти можности на нашите соседи во Европа, како што е Албанија“, истакна Кошта.

Тој додаде дека во време на глобална геополитичка и економска неизвесност, „проширувањето е геостратешка потреба за Европа“ бидејќи е „инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на континентот“.

Самитот ЕУ-Западен Балкан во петок во Тиват „ќе биде јасна демонстрација на нашата решеност да ја унапредиме нашата соработка и да го искористиме забрзувањето на проширувањето на ЕУ“, рече Кошта.

Најчитано