Европскиот фронт за кој се залагаме постои и тоа се гледа на дело. Не можеме европската интеграција на државата да ја ограничиме на тоа дали господинот Арбен Таравари поминал од власт во опозиција. Јас не сметам дека Таравари е толку судбоносен за иднината на државата, изјави претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Тој на денешната прес-конференција со претседателот на Социјалдемократската партија на Германија Ларс Клингбеил, прашан дали се уште постои европскиот фронт за кој се залага по разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество, одговори дека постои, посочувајќи дека имаат мнозинство во Парламентот, кое се залага за евроинтеграција на државата.
-Апсолутно дека постои и вие тоа го гледате и на дел. Ние имаме мнозинство во Парламентот кое се залага за евроинтеграција на државата. Во нашата држава има политички партии кои што се за европска интеграција на државата. Ние не можеме европската интеграција на државата да ја ограничиме на тоа дали господинот Таравари поминал од власт во опозиција. Јас не сметам дека Таравари е толку судбоносен за иднината на државата. Сепак се работи за политичар од Гостивар кој е успешен доктор, кој прави свои политички калкулации, рече Ковачевски.
Но, посочи, иднината на државата не може да зависи од еден човек или од една политичка партија, тоа е сепак општествен процес.
-Немој да заборавите дека СДСМ е најголемата партија. СДСМ е во коалиција со либералите, со зелените и со голем број на други политички партии кои имаат идеолошки концепт. Тоа се партии кои обезбедија членство во НАТО, обезбедија отпочнување на преговорите со ЕУ. Тоа се политички партии кои ќе обезбедат целосно зачленување на Северна Македонија во ЕУ, додаде Ковачевски.
Според Ковачевски, без СДСМ нема европска Македонија. Тој потенцираше дека СДСМ ќе биде секогаш тука за подобрување на животниот стандард за интеграција на државата.
-Мислам дека господинот Таравари не е клучен за иднината на државата, додаде Ковачевски.