Македонскиот национален совет во Србија ги отфрли обвинувањата дека најавениот споменик „Мајка Македонија“ во Нови Сад носи политичка или територијална порака, откако претставници на грчката заедница побараа иницијативата да биде преиспитана, а една грчка партија ја оцени како „директна провокација“.
Споменикот е предложен по повод 80 години од организираното доселување на Македонците во Војводина и, според иницијаторите, треба да го одбележи нивниот придонес во развојот на Нови Сад, Војводина и Србија. Иницијативата до градското собрание била поднесена на 3 август.
„За Македонците ширум светот, без оглед на тоа во која држава денес живеат, овој симбол претставува сеќавање на корените, традицијата и културното наследство“, соопшти Македонскиот национален совет. Оттаму нагласуваат дека споменикот е замислен како симбол на потеклото и културниот идентитет, а не како оспорување на историското наследство на други народи.
Реакцијата следуваше откако Граѓанската партија на Грците во Србија побара од властите во Нови Сад да го запрат процесот, оценувајќи дека називот „Мајка Македонија“ претставува провокација кон Грција. Одделно, Националниот совет на грчкото национално малцинство побара пред конечната одлука да бидат консултирани историски и политички институции, оценувајќи дека името може да предизвика нови историски спорови на Балканот.
Македонскиот совет одговори дека зачувувањето на идентитетот на една национална заедница не може да претставува закана за друга и дека културните симболи треба да бидат „мостови на меѓусебно почитување, разбирање и дијалог“.
За иницијативата сега треба дополнително да се произнесат ЈП „Урбанизам“ и Заводот за заштита на спомениците на културата во Нови Сад, пред градските власти да донесат конечна одлука.
