Малку познат рекорд на Владо Јаневски: Тој е последниот евровизиски пејач што настапил со жив оркестар

Владо Јаневски остана запаметен како првиот македонски претставник на Евровизија, но зад неговиот настап во Бирмингем во 1998 година се крие и еден куриозитет што малкумина го знаат – тој е последниот натпреварувач во историјата на фестивалот што испеал евровизиска песна со придружба на жив оркестар.

Јаневски настапи последен, под реден број 25, со песната „Не зори, зоро“. Оркестарот го диригираше македонскиот композитор и маестро Александар Џамбазов.

Тоа беше последното издание на Евровизија на кое земјата домаќин обезбеди оркестар за учесниците. Од следната година инструменталната придружба се изведуваше од претходно снимена матрица, а оркестарот исчезна од евровизиската сцена.

Бидејќи Македонија настапи последна во програмата во 1998 година, Јаневски практично остана последниот евровизиски изведувач кој пеел пред оркестар во живо. Неговиот настап така стана дел од две истории – првиот настап на независна Македонија на Евровизија и крајот на една цела музичка ера на натпреварот.

„Не зори, зоро“, за која музиката ја напиша Григор Копров, а текстот Владо Јаневски, го освои 19. место со 16 поени. Пласманот можеби не донесе голем евровизиски успех, но песната остана една од најпрепознатливите во неговиот опус и со децении беше неизоставен дел од концертите.

Јаневски почина на 28 јуни, по кратко боледување, на 65-годишна возраст. Зад себе остави само шест студиски албуми, но ретко кој македонски музичар создаде толку голем број песни што станаа дел од колективната меморија.

Од „Ако не те сакам“, „Евергрин“ и „И тогаш некоја будала“, до „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Еден бакнеж“ и „Дома си е дома“, неговите песни се пренесуваа меѓу генерациите и продолжија да живеат многу подолго од музичките трендови во кои беа создадени.

Последниот студиски албум „Повторно се заљубувам во тебе“ го издаде во 2006 година. Иако потоа објавуваше синглови, Јаневски никогаш не се обидуваше да ја претвори кариерата во трка по количество. Неговиот каталог остана релативно мал, но исполнет со песни кои публиката ги препознава уште од првите стихови.

Токму затоа, малку познатиот евровизиски куриозитет добива дополнителна тежина. Владо Јаневски не беше само човекот кој прв го однесе македонскиот јазик на големата евровизиска сцена. Тој беше и човекот со чиј настап симболично заврши ерата на живите оркестри на Евровизија.

Најчитано