Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски до Мицотакис: Да се видиме на меѓународен суд за да се утврди дали е прекршен Преспанскиот договор

За прекршување на Преспанскиот договор докажува Меѓународниот суд за правда во Хаг, а за прекршени човекови права – Судот во Стразбур, изјави премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи изјава на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во однос на именувањето на државава и барањата од Бугарија за уставни измени – со што двете соседни земји го условуваат нашето интегрирање во ЕУ, пренесува денеска МИА.

За премиерот на Грција рече дека имало две неискористени можности да имаат средба на Самитот во Вашингтон на која би ги „вкрстиле аргументите“, а со бугарскиот премиер Румен Радев, како што рече, имале „куртоазна средба“ на маргините на Самитот на Европската политичка заедница во Лондон.

Во однос на изјавата на Мицотакис од пред неколку дена дека „најголемото оружје со кое располага (Грција) е тоа што е „надзорник“ на европскиот тек на Скопје“ и дека „не може да има никаков пристап до Европа, ниту чекор, ако не се реши прашањето преку јасна изјава на раководството на соседната земја дека ова е името на државата и важи за сите“, Мицкоски посочи дека не се политичарите, туку Меѓународниот суд за правда во Хаг е тој што докажува дали е прекршен Преспанскиот договор.

Смета дека ако политичарите коментираат судски одлуки за прекршување на договорите, се создаваат преседани и, рече, „кога еднаш ќе се направи преседан во меѓународното право, тоа може да има глобални импликации“.

-Судот е тој што докажува, а со закани и уцени во 21 век, жалам, но не само што не сакам да се служам, туку ги отфрлам и сум вчудоневиден како е можно политичари кои се претставуваат како европски политичари да се служат со ваков тип закани и уцени. Се надевам дека тоа не го кажал господинот Мицотакис, рече Мицкоски во изјава за медиуми по поставувањето камен-темелник за изградба на градинка во Трубарево.

Подготвен е, истакна, поради пропуштената можност, на средба со грчкиот премиер  „да седнеме и да видиме што направила Македонија, а што направила Грција“

-Но, јас би сакал да го оставиме минатото зад нас, да гледаме во иднината затоа што граѓаните од нас очекуваат иднина, а во таа иднина се и добрососедските односи. Како Влада сакам да градиме добрососедски односи со сите соседи, буквално со сите. Но тоа е двонасочна улица, рече Мицкоски, додавајќи дека треба да се навикнат на поинакви политики и дека во Владата „сега нема без’рбетници“.

За средбата со бугарскиот претседател Радев, пак, рече била куртоазна и сведена на разговор од неколку реченици дека „треба да седнеме и да договориме одржливо решение“ односно како регионално да се претставиме пред трети земји по примерот на  балтичките земји.  

Мицкоски смета дека во моментов во Бугарија не постои енергија за дијалог со кој би се надминале проблемите во односите.

-Добив впечаток дека (Радев) не е сигурен дека наскоро ќе има политичка влада во Бугарија, дека ќе има избори наесен, во октомври. Сега-засега, ценам дека од таа страна нема енергија за дијалог и одглавување на тој процес, барем од тоа што го гледам, посочи премиерот.  

За тоа кој ги нарушува човековите права, Мицкоски рече дека не судат политичарите, туку Судот за човекови права во Стразбур, кој донел 14 пресуди дека на граѓани во Бугарија, кои за себе велат дека се дел од македонската заедница,  им се нарушени човековите права.

-И нула (пресуди) за граѓани во Македонија кои се од бугарската заедница. Тогаш се поставува прашањето зошто е потребна оваа промена?, рече Мицкоски.

За ставот за одложена примена на уставни измени, со кои Бугари би биле внесени во Уставот, а  за што во четвртокот зборуваше и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во ТВ-интервју, Мицкоски рече дека тоа е дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Смета дека тоа е проактивно решение со оглед дека ние сакаме во ЕУ, но оти над 90 отсто граѓани не го прифаќаат условот, односно „потегот на претходната влада“.

Правилото „еден глас“ во ЕУ, рече Мицкоски, е флексибилно и во минатото се моделирало како пластелин, но за разлика од други земји, „за нас нема таква желба од 27-те земји членки на ЕУ и затоа бараме одложено дејство на уставни измени бидејќи спорот е  билатерален“. Примената на уставните измени би била одложена односно кога ќе ги завршиме преговорите за членство во ЕУ.

-Затоа што  никој не ни гарантира дека ова е последно. Што ќе се случи ако утре некоја нова влада во Бугарија ни рече: Не може понатаму да продолжите се додека не прифатите дека Илинденското  востание е бугарско преображенско востание или дека Гоце Делчев, Дамјан Груев, Батанџиев биле Бугари и повторно да имаме вето. Е ние рековме: Доста е, не можеме повеќе со ветувања. Додека не ги завршиме преговорите, додека не почне ратификацијата на претпристапниот протокол  во националните парламенти не може ова да важи. Затоа што немате аргумент. А ако имате аргументи и навистина мислите дека ќе нема дополнителни условувања во иднина, појдете господа во Софија и убедете ги барем три-четири од овие 14 пресуди нека ги имплементираат. Ако вие не можете да ги убедите да применат тоа што е судска одлука, како мене ќе ме убедите дека нема да има дополнителни вета и условувања. Простете, но ние тоа не можеме да го прифатиме, истакна Мицкоски.

Како што рече, „повеќе од тоа не можеме зашто мора да го сочуваме она малку достоинство што останало“. Нагласи дека досега сме направиле премногу отстапувања „како ниеден  народ во Европа“, менувајќи знаме, грб, банкноти,  неколку пати Устав и име.

-Сѐ што можеше да се смени за да бидеме понижени како народ – направивме. Не знам уште што остана да направиме за да бидеме понижени како народ.  И секогаш, без исклучок, ни беше кажувано уште само ова и тоа е последното. Но некако, секогаш имаше уште нешто, никогаш не беше само ова, изјави Мицкоски.

Зачлени се на нашиот е-билтен