Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски и Курти ќе пеглаат

Мицкоски и Курти ќе пеглаат. И добро е да се испеглаат материите со време. Изборите на Косово се на почетокот на 2025 година, а подобро е до тогаш да биде сѐ подготвено зашто услугата од изборите од 2024 година во Северна Македонија, ќе треба да биде возвратена. Сѐ се враќа, сѐ се плаќа.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Утре ќе биде запишано дека првата средба на премиерот Мицкоски, откако ја презеде Владата, ќе биде средбата со косовскиот премиер Албин Курти.

До средбата доаѓа после инцидентот со претседателката на Косово Вјоса Османи на скопскиот аеродром, после кој Косово упати протестна нота до Северна Македонија.

Да потсетиме, инцидентот на скопскиот аеродром се случи откако аеродромската полиција побарала од претседателката на Косово да ја предаде личната ташна и мобилниот телефон за скенирање, по што дошло до судир меѓу обезбедувањето на косовската претседателка и членови на аеродромското обезбедување.

Македонското МВР, пак, во четвртокот вечерта соопшти дека и обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши било вмешано во случајот. Тие им се заканиле на вработени во ТАВ, кои според ТАВ Македонија постапиле во рамките на своите овластувања и спроведувале стандардна проверка.

Инцидентот на скопскиот аеродром повлече серија соопштенија и изјави од МВР, МНР, ТАВ Македонија, од Кабинетот на Гаши, од косовското МНР и од Кабинетот на косовската претседателка, но немаше ниту една изјава или реакција од Владата или од ВМРО-ДПМНЕ и од Кабинетот на Албин Курти.

Од таму е логичен заклучокот дека Мицкоски и Курти се договориле инцидентот да го „испеглаат“ во Скопје.

Во најавата за оваа средба медиумите објавија дека на средбата на премиерите на Северна Македонија и Косово ќе присуствуваат и членови на македонската Влада од редовите на каолицијата „Вреди“, а во косовската делегација која ќе го придружува Курти за време на престојот во Скопје ќе биде и вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала.

Тоа е екипата за пеглање.

Единствено не е јасно, ама ќе видиме утре, дали на пречекот на косовскиот премиер ќе биде и заменик претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ. Особено откако денеска од Косово стигна веста дека косовската полиција уапсила петмина Срби на Косово за наводми злосторства врз албанско население на што реагирала Канцеларијата на владата на Србија за Косово од каде што го обвинуваат премиерот на Косово дека врши терор над српското население.

Тоа, најверојатно, нема да биде материјал за пеглање.

Нема да биде затоа што Стоиљковиќ е некомпатибилен во односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Влен/Вреди и Курти и тоа само ќе биде пречка во пеглањето на овие односи, кои, всушност, и ја обезбедија позицијата на Мицкоски да може да ја преземе Илинденска бр. 2.

Зошто сега Османи или Стоиљковиќ да ја расипуваат оваа дружба, кога толку многу беше вложено во неа.

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски никогаш директно не ја осудија приватната посета на Курти на Тетово и во Скопје, во Општина Чаир, кога се вееја големоалбански знамиња и кога, вусшност, беше јасно дека таа посета е силна поддршка и промоција на коалицијата на партиите на Албанците во Македонија во пресрет на изборите 2024 година.

„Ниту збор не кажа Мицкоски за тоа што немаше државно знаме, за тоа што немаше државна химната. Молчи Мицкоски и за провокациите. Наместо осуда Мицкоски се стави во одбрана на Касами, неговиот коалициски партнер, кој беше организатор на настанот. Касами, токму со гласовите и поддршката на ДПМНЕ стана на градоначалник на Тетово, заедно држеа прес-конференции токму овде во општинската зграда“, реагираа тогаш од СДСМ.

Реагираше и тогашниот претседател Пендаровски која нагласи дека „истакнувањето провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост“ и дека организаторите на собирите во Тетово и во Чаир мора да бидат санкционирани за кршењето на законските одредби за употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците“.

Тогаш претседателот на ДУИ, Али Ахмети за посетата на косовскиот премиер Албин Курти рече дека е мешање на политичката сцена на Албанците во Македонија.

Само ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски молчеа, односно единствената нивна реакција беше да ја нападнат СДСМ дека во времето на Шилегов била донесена одлуката за промена на името на улицата „Втора македонско-косовска бригада“ во „Адем Демачи“ во скопската општина Чаир, на чија свеченост по тој повод беше и Албин Курти.

Курти беше меѓу првите што му ја честиташе победбата на Мицкоски на изборите. „Со нетрпение очекувам да работам со вас за натамошно подобрување на нашите веќе цврсти билатерални односи“, му напиша Курти на Мицкоски.

И зошто сега да си ги расипуваат односите кога Мицкоски го доби она што тешко може да се одбие: Сојузништво со партиите на Албанците под влијание на косовскиот премиер Курти за победа на изборите.

Да, точно е, сметкита на Влен/Вреди за оваа услуга започнаа да пристигаат. Како прва ставка на сметката е Албанската академија на науките и уметностите. Но, сигурно и таа материја ќе биде на репертоарот за пеглање на средбата Мицкоски-Курти на Илинденска бр. 2. Во присуство на лидерите на Влен/Вреди.

Добро е да се испеглаат материите со време. Изборите на Косово се на почетокот на 2025 година, а подобро е до тогаш да биде сѐ подготвено зашто услугата од изборите од 2024 година во Северна Македонија, ќе треба да бидат возвратени. Сѐ се враќа, сѐ се плаќа.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново