Мицкоски најави шест нови автопатски решенија до крајот на 2027 година

Коридорот

Македонија треба да добие шест нови автопатски решенија до крајот на 2027 година, најави премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со медиумите, претставувајќи ја владината динамика за патна и железничка инфраструктура во следните две години.

Според најавите, продолжува изградбата на автопатот Кичево – Охрид, за кој се обезбедени 175 милиони евра од домашни банки. Делницата Извор – Врбјани треба да биде пуштена во употреба до октомври, додека делницата Врбјани – Ботун веќе е во употреба. Во периодот од јануари до март 2027 година се очекува да биде пуштена и делницата од Кичево кај Иванин Дол, по што ќе останат уште околу три километри кај Букојчани што треба да се поврзат со автопатот што го гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Проектот Букојчани – Кичево, во вредност од 220 милиони евра, е финансиран од Европската банка за обнова и развој. Според владините проекции, неговата реализација треба да почне во септември или октомври годинава.

Меѓу најавените проекти е и делницата Блаце – Скопје, вредна 215 милиони евра. Според информациите презентирани на брифингот, евалуацијата на тендерската постапка е завршена, а жалбата на првичната одлука е одбиена во втор степен. Со тоа, останува почетокот на реализацијата на проектот, кој се очекува следниот месец.

Во низата автопатски зафати влегуваат и делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола, кои ги изведува конзорциумот „Бехтел и Енка“. Според досегашната динамика, делницата Прилеп – Битола треба да биде завршена и пуштена во употреба до септември 2027 година.

За источниот регион е најавен експресниот пат Кочани – Виница – Делчево, кој е во фаза на проектирање. Проектот треба значително да го скрати патувањето меѓу Кочани и Делчево и да овозможи побрз транспорт кон граничниот премин Делчево. Во инфраструктурната агенда се вклучува и експресниот пат Романовце – Страцин.

Покрај патната инфраструктура, Владата најавува и повеќе проекти за железничко поврзување. За втората делница од пругата кај Крива Паланка, според Мицкоски, веќе се исплатени 125 милиони евра, а тунелите од Романовце до Крива Паланка се пробиени. Потпишани се и договори со Бугарија за железничкото поврзување, при што Македонија има обврска да го изгради потегот од Крива Паланка до влезот во тунелот. Премиерот оцени дека работите од македонска страна се одвиваат со добра динамика, но дека такви активности нема од бугарска страна.

Планирана е и модернизација на пругата до Кичево, како и на постојната железничка линија Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар, која продолжува кон Кичево. За оваа линија се изготвува проектна документација, а според досегашните планови, по реконструкцијата на одредени делови ќе може да се достигне брзина до 120 километри на час. Мицкоски изјави дека од албанска страна речиси и да нема активности за продолжување на ова железничко поврзување.

Со реализација продолжува и Коридорот 10, кој останува една од клучните транспортни оски во земјата.

Владата ги претставува овие проекти како инфраструктурен циклус вреден милијарди евра, кој треба да ја раздвижи економијата уште во фазата на изградба, да ангажира домашни компании и да отвори дополнителни работни места. Според Мицкоски, проблемот со кој се соочува Владата не се финансиите, туку ограничениот капацитет на домашните компании за паралелна изведба на голем број проекти, и во делот на човечки ресурси и во делот на градежна механизација.

Премиерот рече дека Владата е во редовна комуникација со Сојузот на стопански комори за надминување на овие ограничувања. Целта, според него, е поголем дел од средствата да останат во македонската економија и инфраструктурниот циклус да донесе корист и за државата и за приватниот сектор.

Најчитано