Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски со сосема нова верзија за случувањата, четири дена после скандалот во Софија

Во одговор на прашање зошто не реагирале од нашата делегација на дипломатскиот скандал со знамињата во Бугарија истиот ден, премиерот Мицкоски рече дека така постапиле „во чест на почитта кон трагично загинатите животи на пилотите коишто загинаа тој ден во Бугарија, не сакавме да создаваме тензија“.

Ова е нова верзија за дебаклот во Софија, за која Мицкоски уште вели дека таа причина била наведена и во комуникација за случајот на Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, што воопшто не е точно.

Единствено што дојде од претседателскиот Кабинет беше дека „сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“.

Нема ништо од тоа што го кажува Мицкоски како причина зошто немало реакција од наша страна во Софија откако било очигледно дека бугарската страна ги прекршила стандардите на протоколите кога станува збор дури и за неофицијални средби како што беше меѓу Сиљановска Давкова и Румен Радев.

Но, Мицкоски за овој скандал не пропушти тежиштето да го префрли на опозицијата и рече дека „во минатото кога се понижуваше и распродаваше достоинството македонско тогаш се молчеше, се виткаше кичма и се соблазнуваа со тие кои не понижуваа и газеа“.

„Сега  дипломатски се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме политика меѓународна или пак дипломатска со свиткана кичма, тогаш кога ќе се помине црвената линија тогаш треба и да се реагира, затоа што ако не реагирате, тој исклучок понатаму ќе стане пракса. Она што е поважно за мене, Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери бугари во устав, тоа е најмалиот проблем, многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своитее вистински намери. Онојпат кога ќе видиме дека се поминати црвените линии тогаш ќе мораме да интервенираме и денеска тој демарш ќе биде врачен на амбасадорот на нашиот источен сосед“, посочи Мицкоски.

Од МНРиНТ денеска, пак стигна известување дека амбасадарот на Република Бугарија, Желјазко Радуков, на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) ќе биде примен од директорот на директоратот за регионални иницијативи, а не од министерот Тимчо Муцунски.

Зачлени се на нашиот е-билтен