Мицкоски тврди дека Македонија сака дијалог со ЕУ и Бугарија, но нема со кого, се повторуваат како расипана плоча

Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека Македонија сака дијалог со ЕУ и Бугарија за блокираниот евроинтеграциски процес, но дека, според него, не е јасно со кого треба да се разговара. Изјавата доаѓа во контекст на посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на Скопје и повторените пораки на Владата дека нема да го менува ставот без јасни гаранции за крајот на процесот.

Мицкоски порача дека македонската страна е подготвена за разговори, но смета дека сигналите од Софија и Брисел се противречни. Според него, од една страна официјална Софија тврди дека прашањето е меѓу Македонија и Европската Унија, а од друга страна реагира кога Скопје бара разговори во Брисел без бугарско присуство. „Па ајде ние велиме, ајде со Софија да разговараме, па тие повторно истото го повторуваат како расипана плоча“, изјави Мицкоски.

„Ние сме сериозни луѓе, сакаме да разговараме, треба ден однапред да ни кажат таму и таму дојдете и ние ќе разговараме“, изјави Мицкоски, додавајќи дека Македонија е подготвена да седне на маса со секој што ќе биде посочен како релевантен соговорник.

Тој повтори дека Владата нема да прифати, како што рече, „авантури без јасен крај“, и дека државата има волја и капацитет брзо да го заврши процесот на интеграција во Европската Унија, но само доколку постои јасна политичка рамка и предвидлив крај.

Прашањето за уставните измени останува клучна пречка во евроинтегративниот процес, бидејќи без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ тие не можат да бидат изгласани во Собранието.

Најчитано