Селекторот на турската фудбалска репрезентација, Винченцо Монтела, по поразот од Австралија на почетокот од Светското првенство изјави дека неговиот тим е разочаран од резултатот, но дека сè уште има реални шанси да се квалификува во следната фаза од натпреварувањето.
Австралија ја победи Турција со 2-0 во првиот натпревар од групата Д во Ванкувер.
„Тажни сме, но има време да се опоравиме во текот на групната фаза. Имавме 78 проценти од поседот на топката, но не бевме доволно прецизни. Бевме блиску до постигнување гол, но беше многу тешко“, рече Монтела по натпреварот.
Toj истакна дека неговиот тим создал голем број шанси, но не успеал да ги претвори во голови.
„Тоа е фудбалот. Создадовме многу шанси, но не постигнавме гол. Тие поведоа, а потоа се повлекоа, а двата гола беа постигнати со нивното најсилно оружје – контранападите. Ништо не е загубено, сè уште имаме два тешки натпревари пред нас“, додаде Монтела.
Селекторот на Австралија, Тони Поповиќ, не го криеше задоволството од победата, пофалувајќи ја играта на своите млади играчи.
„Нашите млади играчи покажаа дека им е местото на големата сцена. Играа без страв и со многу самодоверба. Знаевме дека Турција ќе има поголем посед на топката, бевме компактни, чекавме на нашите можности и ги искористивме. Ова се само првите три бода. Сега ќе уживаме во победата и ќе почнеме да се подготвуваме за следниот натпревар утре. Турнирот е долг и сè уште ништо не е решено“, рече Поповиќ.
Во второто коло од Групата Д, Австралија ќе игра против САД, додека Турција ќе се соочи со Парагвај.
