Морскиот канибал, инвазивен организам сличен на медуза, сè побрзо се шири низ Балтичкото Море и предизвикува загриженост кај научниците. Видот Mnemiopsis leidyi се храни со зоопланктон, рибини јајца и ларви, а кога нема доволно храна, преживува јадејќи ги сопствените младенчиња.
Организмот нема жарни клетки и не претставува непосредна опасност за луѓето, но може сериозно да го наруши морскиот екосистем. Потекнува од атлантските брегови на Америка, а во европските води најверојатно пристигнал преку баластните води на бродовите.
Во осумдесеттите години се проширил во Црното Море, каде што неговата популација брзо пораснала и предизвикала пад на количината на зоопланктон. Сега научниците предупредуваат дека слично сценарио е можно и во Балтикот.
Морскиот канибал особено ги загрозува рибите, бидејќи ги јаде нивните јајца и ларви, а истовремено им ја одзема храната. Неговата способност за брзо размножување и преживување во неповолни услови му овозможува лесно да освојува нови морски подрачја.
Видот може и да свети во темнина, но најголемата загриженост не е неговиот необичен изглед, туку влијанието врз рибарството и биолошката разновидност. Затоплувањето на водата и ширењето на зоните со недостиг од кислород дополнително можат да го олеснат неговото ширење.
