Муцунски: Се бара излез од ЕУ-блокадата

Владата води разговори за деблокирање на европскиот пат на Македонија, но засега нема конкретно решение ниту јавни детали за содржината и учесниците во процесот, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Во интервју за МИА, Муцунски рече дека разговорите се водат „под радарот“ и дека нивното јавно откривање во оваа фаза би можело да ги осуди на неуспех. Според него, Владата работи на одржливо решение, но не е подготвена да преговара за прашања поврзани со идентитетот, јазикот, историјата и културата.

„Работиме на решение, но не на решение по секоја цена“, изјави Муцунски, додавајќи дека владините позиции и црвените линии се засноваат врз политичкиот легитимитет добиен од граѓаните.

Министерот не откри дали разговорите се водат директно со Софија, преку европските институции или со посредство на други земји членки. Министерството за надворешни работи претходно соопшти дека постои активен дијалог со Бугарија, членките на ЕУ и европските институции, но дека сè уште не е постигнато прифатливо решение.

Муцунски смета дека за продолжување на евроинтеграцијата е потребен поширок политички консензус. Тој ја обвини претходната власт дека со одлуките од 2021 и 2022 година ја довела државата во сегашната позиција, додека опозицијата ја повика да ги поддржи реформските закони во Собранието.

И покрај најавените разговори, официјалната позиција на Европската Унија засега не е променета. Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во јуни изјави дека усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално продолжување на пристапните преговори.

ЕУ истовремено бара продолжување на реформите во владеењето на правото, јавната администрација и основните права. Во февруари Унијата повторно ја повика Македонија да ги спроведе условите утврдени во заклучоците на Европскиот совет од 2022 година.

Владата тврди дека напредува во исполнувањето на Реформската агенда и дека европските интеграции остануваат стратешка цел. Сепак, без уставните измени Македонија и понатаму не може да го отвори првиот преговарачки кластер, додека разговорите за евентуално поинакво решение засега остануваат без јавно објавен резултат.

Најчитано