Нафтата над 83 долари, Иран постави услови за отворање на Ормутскиот Теснец

Цените на нафтата остануваат под силно влијание на кризата околу Ормутскиот Теснец, додека пазарите се обидуваат да проценат дали Вашингтон и Техеран можат да стигнат до договор што ќе овозможи повторно нормализирање на поморскиот сообраќај.

На почетокот на тргувањето во понеделникот Брент поскапе за повеќе од еден процент и достигна 84,42 долари за барел, а американската WTI нафта се искачи на 78,83 долари. Подоцна добивките беа избришани, па Брент се движеше околу 83,54 долари, а WTI околу 78 долари за барел.

Причината за нестабилноста се различните сигнали од Иран околу можноста за повторно отворање на Ормутскиот Теснец. Иранската Револуционерна гарда соопшти дека сообраќајот нема целосно да биде обновен додека САД не исполнат повеќе барања на Техеран.

Меѓу условите што ги поставува Иран се прекин на воените дејства, укинување на американската блокада на иранските пристаништа, олеснување на санкциите, одмрзнување на ирански средства во странство и компензација за штетите од војната. Техеран бара и да ја задржи контролата врз теснецот и можноста да наплаќа такса за премин, на што Вашингтон се противи.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека двете страни „полупреговараат“ и оцени дека ситуацијата на крајот ќе биде решена, но од Техеран во неделата стигна порака дека директни разговори со САД нема да почнат додека Вашингтон не ги исполни преземените обврски од претходниот договор.

Ормутскиот Теснец е една од најважните точки за глобалното снабдување со енергенси. Во 2025 година низ него дневно минувале во просек околу 20 милиони барели сурова нафта и нафтени деривати, што претставува приближно 25 проценти од светската поморска трговија со нафта.

Дополнителен ризик постои и за природниот гас. Речиси целиот извоз на течен природен гас од Катар и Обединетите Арапски Емирати минува низ теснецот, количина која претставува околу 19 проценти од глобалната трговија со LNG.

Пазарите претходната недела реагираа со пад на цените од повеќе од седум проценти поради надежите дека Иран и Оман се блиску до договор што би овозможил повторно отворање на теснецот. Новите услови на Техеран сега повторно ја зголемија неизвесноста околу снабдувањето.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?