НАСА ја забрзува трката за Месечината: база на јужниот пол до 2032 година

НАСА ги претстави следните чекори од планот за воспоставување постојано човечко присуство на Месечината, со фокус на лунарниот јужен пол, регион кој се смета за клучен за идните научни мисии, тестирање технологии и подготовка за патувања кон Марс.

Американската вселенска агенција планира развојот на базата да се одвива во фази. Првата, до 2029 година, предвидува серија роботски мисии, лендери, ровери, дронови и научна опрема што треба да го мапираат теренот, да тестираат системи за навигација, комуникација и енергија и да подготват услови за подолгорочно присуство на астронаути.

Меѓу компаниите вклучени во првите мисии е „Блу Ориџин“, компанијата на Џеф Безос, чиј лендер „Blue Moon Mark 1 Endurance“ треба да достави опрема и научни инструменти на Месечината. Во плановите се вклучени и „Астроботик“ и „Интуитив Машинс“, со мисии што треба да испорачаат товар, ровери и инструменти за истражување на лунарната површина.

Јужниот пол на Месечината е во центарот на интересот затоа што таму постојат области со подолго сончево осветлување, но и постојано засенчени кратери во кои може да има замрзната вода. Таквите ресурси се важни не само за научни истражувања, туку и за можноста еден ден водата да се користи за пиење, кислород или производство на гориво.

Во втората фаза, од 2029 до 2032 година, НАСА планира развој на рана инфраструктура за престој, проширени соларни системи, можни нуклеарни извори на енергија и ровери што би им овозможиле на астронаутите да се движат на поголеми растојанија. Целта е Месечината да не биде само место за кратки мисии, туку оперативна база за подолгорочно истражување.

Планот доаѓа во време на засилена вселенска конкуренција меѓу САД и Кина. Пекинг веќе најави амбиции за испраќање луѓе на Месечината до 2030 година, што ја зголемува политичката и технолошката тежина на американската програма „Артемис“.

Иако НАСА го претставува проектот како основа за нова фаза во истражувањето на вселената, дел од експертите предупредуваат дека роковите се исклучително амбициозни. Најголемиот предизвик останува безбедното слетување на луѓе на Месечината, како и изградбата на инфраструктура што може да функционира во екстремни услови на лунарната површина.

Најчитано