Недовршени објекти ги впишале во Катастар за да наплатат 50 милиони денари од ИПАРД

Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави против пет физички лица и две компании, поради сомнение дека со невистинита документација се обиделе да наплатат повеќе од 50 милиони денари од европската програма ИПАРД.

Пријавите се поднесени до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и до Основното јавно обвинителство Скопје.

Меѓу пријавените се двајца надзорни инженери со иницијали Б.Г. и Г.Ф., како и Е.Н., М.Г. и Н.М., сопственици и управители на две правни лица.

Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги, измама на штета на средствата на Европската Унија во обид и употреба на исправа со невистинита содржина.

Според Финансиската полиција, надзорните инженери извршиле технички преглед на недовршени објекти и изготвиле завршни извештаи со невистинита содржина.

Со тие извештаи, компаниите успеале да ги впишат објектите во јавните книги на Агенцијата за катастар на недвижности, иако тие не биле целосно завршени и не ги исполнувале законските услови за употреба.

Сопствениците и управителите, според наводите во пријавата, знаеле дека објектите не се завршени, но документацијата ја употребиле за да создадат привид дека ги исполниле условите за финансиска поддршка.

Целта била да се овозможи исплата на средства од Програмата за рурален развој, финансирана преку Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија – ИПА 3 и ИПАРД 2021-2027.

Вкупната противправна имотна корист што пријавените наводно се обиделе да ја стекнат изнесува 50.141.528 денари, односно повеќе од 815.000 евра.

По поднесувањето на кривичните пријави, обвинителствата треба да ги разгледаат доказите и да одлучат дали ќе отворат истражна постапка.

Најчитано