Дури 129,3 милиони денари, или околу 2,1 милиони евра, биле потрошени само за хонорари на пејачите и музичките изведувачи ангажирани за прославата на 35 години независност на Македонија.
Податоците денеска ги објави владината портпаролка Марија Митева, презентирајќи го финансискиот извештај за програмата. И покрај објавената вкупна сума, Владата повторно не кажа колку поединечно биле платени најголемите музички имиња, меѓу кои и Дејвид Гета.
Целата прослава чинела 340,5 милиони денари, односно околу 5,5 милиони евра. Со тие средства биле организирани 18 настани во 13 градови.
Најголемата ставка се хонорарите на изведувачите – 129,3 милиони денари. За продукција биле потрошени уште 96,2 милиони, за логистика 58,5 милиони, за хонорари на соработници 53,5 милиони, а за маркетинг околу 2,8 милиони денари.
На прославите настапија Дејвид Гета, Стив Аоки, Пол ван Дајк, Пол Оукенфолд и Хозе Карерас, како и повеќе домашни изведувачи.
Најголемото внимание го привлече концертот на Гета на Националната арена „Тодор Проески“, кој според Владата го следеле околу 50.000 посетители. Но ниту во денешната презентација не беше објавено колкав бил неговиот хонорар.
Извештајот што организаторот го доставил до Владата има 81 страница и ги опфаќа продукциските, техничките, организациските и финансиските детали. Во јавната презентација, сепак, трошоците беа прикажани по категории, а не по изведувачи.
Претходно Владата тврдеше дека за прославата не биле користени буџетски средства. Според објавените податоци, 300 милиони денари биле обезбедени од нераспределената добивка на Државна лотарија за 2024 година, а околу 40 милиони денари преку донации од компании.
Така, еден месец по прославата јавноста конечно ја знае вкупната сметка – околу 5,5 милиони евра.
Знае и дека 2,1 милиони евра отишле за артистите.
Но сè уште не знае колку од тие пари биле исплатени за Дејвид Гета и колку чинеле останатите големи странски имиња.

