Независните листи бараат исти изборни правила како партиите: Демократијата не смее да биде резервирана само за нив

Девет независни граѓански иницијативи побараа итни измени на Изборниот законик со кои граѓанските листи ќе добијат еднакви услови за учество на изборите како политичките партии.

Иницијативите реагираат дека Министерството за правда не одговорило на барањата што ги доставиле на заедничката средба одржана на 16 април. Тие велат дека не добиле писмено образложение дали нивните предлози биле разгледани, кои решенија се прифатливи и дали ќе бидат вклучени во подготовката на законските измени.

„Демократијата не смее да биде резервирана само за партиите“, порачуваат иницијативите и бараат веднаш да бидат вклучени во процесот на носење на новите изборни правила.

Меѓу главните барања е бројот на потребни потписи за независните кандидати и листи да биде разумен, пропорционален и реално достижен. Тие предлагаат потписите да може да се собираат и на терен пред овластени лица, а рокот за нивно собирање да се продолжи од 15 на 30 дена.

Независните иницијативи бараат нивното име јасно да биде наведено на гласачкото ливче, кандидатот за градоначалник и советничката листа од ист предлагач да имаат ист реден број, а редоследот на кандидатите да се утврдува преку еднаква и транспарентна ждрепка.

Тие предлагаат да им биде дозволено да поднесуваат и делумни советнички листи, наместо задолжително да обезбедуваат кандидати за сите места. Бараат и кандидатот за градоначалник истовремено да може да биде кандидат за советник.

Посебно се бара еднаков пристап до медиумите, дебатите, информативните програми, билбордите и платеното политичко рекламирање, како и еднаков пристап до изборното финансирање и надоместокот што се исплаќа според освоените гласови.

Иницијативите бараат и поедноставување на регистрацијата и финансиско-административните обврски, особено за независните листи кои веќе освоиле советнички мандати.

Тие нагласуваат дека не бараат привилегии, туку еднакви изборни правила и реална можност граѓаните да се организираат, да бидат видливи и рамноправно да ја побараат довербата на избирачите.

Најчитано