НЛБ Банка ќе им предложи на акционерите исплата на дивиденда за успешната деловна 2025 година, во вкупен бруто-износ од 2,19 милијарди денари, односно околу 35,7 милиони евра. Предлогот предвидува бруто-дивиденда од 2.571 денар по акција.
За предлог-одлуката ќе се гласа на Собранието на акционери, закажано за 28 мај. Доколку биде усвоена, последен ден на тргување со право на дивиденда ќе биде 9 јуни, а прв ден на тргување без тоа право ќе биде 10 јуни. Пресекот на акционерската книга е предвиден за 11 јуни, додека исплатата треба да започне на 29 јуни.
Исплатата се предлага по година во која НЛБ Банка оствари нето-добивка по оданочување од 4,879 милијарди денари. Според објавените финансиски резултати, вкупната актива на банката достигнала 156,93 милијарди денари, кредитите кај небанкарскиот сектор 102,55 милијарди денари, а депозитите 121,71 милијарди денари.
НЛБ Банка има издадено 854.061 обична акција, со номинална вредност од 1.000 денари по акција. Секоја акција носи право на еден глас на Собранието на акционери, а акциите носат и право на дивиденда, при што одлуката за исплата и дивидендниот календар ги утврдува Собранието на акционери.
Најголем акционер во НЛБ Банка АД Скопје е Нова Љубљанска банка д.д. Љубљана, со 742.804 акции, односно 86,97 проценти учество во вкупниот број акции.
Предложената дивиденда за 2025 година е нешто пониска од претходната исплата. Според податоците на Македонската берза, дивидендата по акција за 2024 година изнесувала 2.596 денари, а за 2023 година 2.636 денари.