Норвешка воведува речиси целосно ограничување на употребата на генеративна вештачка интелигенција во основните училишта, со порака дека децата најпрво мора да научат да читаат, пишуваат и сметаат без да прескокнуваат важни чекори во образованието.
Новите национални препораки ќе почнат да се применуваат од почетокот на следната учебна година, кон крајот на август.
Учениците од прво до седмо одделение, на возраст од околу шест до 13 години, по правило нема да добиваат пристап до алатки со вештачка интелигенција за самостојно извршување на училишните задачи.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Стере оцени дека некритичкото користење генеративна вештачка интелигенција може да доведе до прескокнување на основните фази во процесот на учење.
„Најважно е нашите деца да научат да читаат, пишуваат и сметаат“, порача Стере, нагласувајќи дека технологијата не смее да го замени усвојувањето на основните знаења и вештини.
Одлуката доаѓа во период кога резултатите на норвешките ученици на меѓународните тестирања бележат пад. Според норвешката влада, еден од четворица ученици чита под минималното ниво на ОЕЦД потребно за понатамошно образование и вклучување на пазарот на трудот.
За учениците од осмо до десетто одделение ќе биде дозволено постепено и внимателно воведување на вештачката интелигенција, но само откако наставниците ќе стекнат соодветна обука и компетенции за нејзино користење.
Во средното образование, пак, учениците треба да учат како правилно и одговорно да ја користат технологијата, за да бидат подготвени за понатамошното образование и идните работни места.
Од ограничувањата ќе има исклучоци за учениците на кои алатките засновани врз вештачка интелигенција им се потребни за индивидуално приспособена настава, изучување јазици или други специфични образовни потреби.
Министерката за образование Кари Неса Нортун предупреди дека најмладите ученици сè уште немаат доволно развиено критичко размислување, знаење и самоконтрола за безбедно и корисно користење на вештачката интелигенција.
Таа порача дека Норвешка не смее да ја повтори грешката направена при некритичкото воведување таблети и други дигитални уреди во наставата.
Норвешката управа за образование треба пред почетокот на учебната година да ги објави деталните препораки, како и планот за обука на наставниците.
Ограничувањето на вештачката интелигенција е дел од пошироката политика на Норвешка за намалување на прекумерната употреба на екраните кај децата. Земјата претходно воведе строги препораки за мобилните телефони во училиштата, а најавува и поголемо враќање на печатените книги и рачното пишување во училниците.
