Уште четири лица од предметот поврзан со Фудбалската федерација на Македонија, кои претходно биле недостапни за органите на прогонот, се обезбедени, соопшти Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Според информациите што ги објави ТВ 24, двајца од нив денеска биле изведени пред судија на претходна постапка. За еден осомничен е определена мерка притвор, а за вториот мерки за обезбедување присуство. Останатите две лица треба да бидат изведени пред судија на претходна постапка утре.
Ова е нов развој во предметот ФФМ, по акцијата во која, според Обвинителството, се опфатени 18 физички и 8 правни лица. Истрагата се однесува на сомнежи за кривични дела „Проневера во службата“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Пред два дена беше определен притвор од 30 дена за поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, и за уште две лица. За петмина беше определен куќен притвор, а за четворица мерки на претпазливост.
Според официјалното соопштение на Јавното обвинителство, со истрагата се опфатени двајца поранешни претседатели на ФФМ, раководителка на Одделението за финансии и сметководство, управители, сопственици и овластени лица во правни субјекти, како и раководител на Одделот за судии и судење при ФФМ.
Обвинителството наведува дека во различни периоди биле одобрени и потпишани вкупно 728 налози за исплата без целосна и валидна финансиска документација и без претходна проверка на основаноста и намената на исплатите.
Според наводите во истрагата, на ФФМ ѝ била причинета штета од над 180 милиони денари. Осомничените правни лица, според Обвинителството, се стекнале со противправна имотна корист, а потоа средствата биле пуштани во финансиски промет со цел да се прикрие нивното незаконско потекло.
Сите лица во оваа фаза се осомничени и важи презумпцијата на невиност до правосилна судска одлука.

