Обемна акција за криминал, уапсен поранешниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, е уапсен денеска во акција што се спроведува на повеќе локации низ државата.

Акцијата се спроведува под раководство на обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во координација со Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција.

Во тек се претреси на повеќе локации, но надлежните институции засега не соопштуваат за какви кривични дела постојат сомневања, колку лица се опфатени и во какво својство е приведен Ѓорѓиоски.

Против поранешниот прв човек на ФФМ во 2019 година беше поднесена кривична пријава за наводно даночно затајување и фалсификување или уништување деловни книги, поврзано со неговото раководење со Федерацијата.

Во тогашната пријава беше наведено дека во завршната сметка за 2017 година биле прикажани неточни податоци и дека не бил пресметан и платен данок на добивка. Според тогашните наводи на Финансиската полиција, буџетот бил оштетен за 1.680.912 денари.

Од ФФМ тогаш ги отфрлија обвинувањата и тврдеа дека финансиското работење на Федерацијата било законско и потврдено со позитивни извештаи од надлежните институции и независните ревизори.

Засега нема официјална информација дали денешното апсење на Ѓорѓиоски е поврзано со овој предмет или со друга истрага.

Ѓорѓиоски беше претседател на ФФМ од 2012 до 2018 година. Неговото апсење следува околу два месеца по приведувањето на уште еден поранешен претседател на Федерацијата, Муамед Сејдини.

Повеќе информации за акцијата се очекуваат по завршувањето на претресите и по официјалното соопштение од надлежните институции.

Најчитано