Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

,,О2 Иницијатива”: Очекувавме почитување на правните принципи, разочарани сме што Сиљановска-Давкова ќе ги потпише измените на Законот за урбанистичко планирање

Од претседателката на државата очекувавме принципиелност и доследност во застапување на правните принципи поради важноста еден ваков закон да биде донесен со широка јавна расправа. , велат од невладината „О2 Иницијатива” и додаваат дека се разочарани од најавата на Гордана Сиљановска-Давкова дека ќе го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање што беа изгласани на 13 август во Собранието.

Тие додаваат дека несериозно и смешно е што таа го прифатила објаснувањето од министерот за транспорт Александар Николоски дека измените се привремени и преодни, зашто се работи за закон, кој ќе биде во сила додека не се донесе нов закон, велат од Иницијативата и додаваат дека дотогаш ќе се градат објект и катни гаражи на малку останатите зелени површини каде треба децата да си играат.

„Со големо разочарување ја слушнавме најавата на претседателката Сиљановска – Давкова, за нејзината одлука да го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање. Со оглед на заедничката историја која со сегашната претседателка ја имавме додека беше во функција на пратеничка во Собранието, очекувавме принципиелност, и доследност во застапување на правните принципи и важноста еден ваков закон да биде донесен со широка јавна расправа, бидејќи состојбите на терен се и бездруго катастрофални, а не поведување под популистичкото мото: „училишта, градинки, болници“, кои се само еден мал дел од вкупните измени што се донесени“, се вели во реакцијата на „О2 Иницијатива“.

Според невладината, прифаќањето на објаснувањето од министерот за транспорт Николоски дека измените се привремени и преодни е несериозно, бидејќи, како што велат се работи за закон кој ќе биде на сила сè додека не биде донесен нов.

„Колкав ќе биде тој временски период никој не знае, но едно е сигурно: нема да биде краток. Дотогаш ќе ги видиме жестоките реперкусии на стапување во сила на околу 600 урбанистички планови изработувани повеќе од четири и пол години по застарени податоци и неважечки закони и правилници, најчесто иницирани и инвестирани од приватни инвеститори кои се грижат исклучиво за својот личен интерес. А катните гаражи ќе никнат на зелени површини каде колку толку сè уште можат да играат деца“, велат од невладината.

Оттаму наведуваат дека изедначувањето на нивното прифаќање на покана во „пет до 12“ за присуство на комисија, со цел да го образложат нивниот став зошто се против, воопшто не е исто со одржување на јавна расправа каде стручната јавност, граѓанскиот сектор и сите засегнати страни имаат можност да го дадат своето мислење, за потоа да се сумираат мислењата и да се вклучат во законското решение.

Од „О2 Иницијатива“ потсетуваат дека со барање да не го потпишува Указот до претседателката на државата се обратиле повеќе од 25 граѓански здруженија и иницијативи и повеќе од 50 индивидуални граѓани, меѓу кои и познатата архитектка Даница Павловска-Циги.

„Вие решивте да ги игнорирате аргументите кои сите ние ги имаме и селективно да ги уважите аргументите на министерот кои се однесуваат само на една од бројните измени во овој закон. Голема штета е што ова е една од првите одлуки на оваа за Вас, нова позиција, со која ќе бидете неславно запаметена. Го кажавте Вашето, на наше големо разочарување. Сега бидете сведок на последиците“, велат од „О2 Иницијатива“.

Собранието ги изгласа законските измени на 13. месецов, откако претходно истиот ден добија поддршка во матичната собраниска комисија, без амандмани и без дискусија од пратениците. Забелешки изнесоа претставници на „О2 иницијативата“, кои заедно со повеќе други невладини организации во четвртокот апелираа претседателката да не го потпишува указот за Законот. Според нив, со измените на Законот за урбанистичко планирање ќе се носат застарени ДУП-ови чии параметри и мерења нема да одговараат на реалноста и ќе се уништува јавен простор.

На новинарско прашање по повикот од граѓанските организации да не го потпишува указот, Сиљановска Давкова изјави дека министерот за транспорт Александар Николоски и ги образложил причините за законските измени и кажал дека без нив не ќе може да се префрлат средства на општините за реализација на значајни проекти. Нагласи дека зад законот има 64 пратеници, а се осврна и на текот на расправата за законот во матичната собраниска комисија и на пленарната седница, неподнесените амандамни и отсуството на дискусија.

-И во кампањата и во мојот инаугуративен говор реков дека ќе посегам по ветото, дека претходно ќе разговарам и со предлагачите и со пратениците. Разговарав со предлагачот, барав да ми ги образложи причините за скратната постапка, ми ги образложи, ги знаете причините. Вели дека е невозможно да се реализира помошта на општините доколку нема можност клучните објекти како училишта, градинки, гаражи, да се реалиизраат доколку не може да се префрлат средствата. Ми ги објасни овие измени како привремени или преодни. Рече дека е подоготвен веднаш да формира широка комисија од хетероген состав, вклучувајќи ги невладините организации во неа, изјави Сиљановска Давкова.

Таа посочи дека секојдневно добива укажувања и од невладиниот сектор и поосчи дека секогаш ќе бара да се третира као партнер.

-Она што мене ме загрижува е следното. Значи, скратена беше постапката но исто така беа поканети како што можев да видам и релевантни претставници на невладиниот сектор за донесувањето на овој закон. Да бидам искрена јас сум за инклузивен модел и секогаш ќе барам да се почитува мислењето на невладиниот сектор и да се третира како партнер. Да не заборавиме дека законите ги носат пратениците, но она што мене ме збуни во случајов со овој зкаон е дека не видов ниту една дискусија на комисијата и на пленарната седница од пратениците од опозицијата.

Очекувала да има амандамни, бидејќи, како што рече, секогаш невладините помагале со амандманите, но сега не биле поднесени.

Јас и да го вратам законот, зад него има 64 пратеници, треба да има апсолутно мнозинство од 61 за да го потпишам. Ако немаше дискусии, ако немаше гласање против тогаш мислам дека ќе се повтори оваа ситуација. И затоа заклучувам, ќе го потпишам законот, мислам дека тоа треба да се направи денеска или утре, изјави претседателката Сиљановска Давкова.

Го повика министерот за транспорт да ја почне работата за новиот закон и како што рече, да го решиме проблемот системски бидејќи сите знаеме дека законот не е добар.

Соња Танеска

Зачлени се на нашиот е-билтен