Најголем дел од загинатите во кочанскиот клуб „Пулс“ починале од насилна смрт како последица на задушување, труење и интоксикација од јаглерод моноксид, покажале обдукциските наоди што Обвинителството ги презентираше на денешното рочиште во судскиот процес за трагедијата.
Наодите се изготвени од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а со нивното изведување почна фазата на материјални докази во постапката. Извештаите во судница ги презентираше обвинителката Наташа Сарамандова, при што документите биле прикажувани на голем екран, а причините за смртта биле наведувани поединечно за секоја жртва.
Според презентираните обдукциски протоколи, околу 50 од жртвите починале од труење со јаглерод моноксид, а нивната смрт е констатирана како насилна. Кај четворица од загинатите како причина за смртта е наведено задушување од притисок врз градниот кош, додека кај тројца смртта настапила поради недостиг на воздух и кислород во околната средина.
Обдукцијата на три лица кои починале во текот на лекувањето, исто така, утврдила насилна смрт, настапена поради акутна слабост на белите дробови од интоксикација со јаглерод моноксид. Кај едно лице, според презентираните наоди, смртта настапила како последица на изгореници од трет степен на главата и телото.
Обвинителството изведе и писмен одговор од Судска медицина, во кој се опфатени прашања за смртоносното присуство на јаглерод моноксид во крвта, брзината со која може да настапи смрт при вакво задушување, разликата меѓу задушување и труење со јаглерод моноксид, како и прашањето дали жртвите би можеле да бидат спасени со кислородна терапија на местото на настанот или во болниците.
Обвинителството предложи во натамошниот тек на постапката да биде повикано и сослушано вешто лице, кое треба да одговори на дополнителните прашања што произлегуваат од обдукциското мислење. Ова е значајно бидејќи токму обдукциските наоди и токсиколошките прашања беа меѓу најчувствителните делови од постапката и претходно отворија реакции во јавноста и кај дел од семејствата на загинатите.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.