Фестивалот „Охридско лето“ денеска одбележува 66 години од постоењето со промоција на монографија посветена на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ и со роденденски концерт во црквата „Света Софија“.
Монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“, чии автори се Снежана Анастасова Чадиковска и Александар Трајковски, ќе биде промовирана во 19 часот. Изданието е посветено на 100-годишнината од раѓањето на Липша-Тофовиќ, која токму на 4 август со солистички рецитал во „Света Софија“ го означила почетокот на фестивалот.
Роденденската програма ќе продолжи во 21 часот со настап на израелскиот машки сопран и контратенор Мајан Лихт и полскиот пијанист Пшемен Виницки.
Лихт е добитник на наградата „Најдобар дебитант“ на Оперските награди во Брисел во 2025 година и настапува во продукции на повеќе европски оперски сцени. Виницки е добитник на повеќе меѓународни признанија, а во 2022 година дебитирал во Берлинската филхармонија.
Од првиот концерт на Ана Липша-Тофовиќ до денес, „Охридско лето“ прерасна во една од најзначајните културни манифестации во Македонија, која секоја година носи домашни и странски уметници на сцените во Охрид.
