Опасниот вирус што го пренесуваат комарци стигна во Македонија: Потврдени два случаи

Опасниот вирус што го пренесуваат комарци стигна во Македонија, а Европскиот центар за превенција и контрола на болести потврди два локално стекнати случаи на Западнонилска треска во земјава. Тоа значи дека заразувањето се случило во Македонија преку каснување од инфицирани комарци.

Според податоците на ЕЦДЦ до 15 јули 2026 година, Македонија е меѓу петте европски земји во кои годинава е регистрирано локално пренесување на вирусот Западен Нил.

Кај околу 80 проценти од заразените не се појавуваат симптоми. Кај останатите може да се јават температура, главоболка, замор, болки во телото, мачнина и осип. Во ретки случаи вирусот може да предизвика сериозно воспаление на мозокот или мозочните обвивки, особено кај повозрасните лица и луѓето со ослабен имунитет.

Против вирусот нема вакцина за луѓето. Заштитата вклучува употреба на средства против комарци, носење облека што ја покрива кожата, поставување мрежи на прозорците и отстранување на застоената вода околу домовите.

Најчитано