Отворен конкурсот за 3.498 студентски легла: „Стив Наумов“ ќе чини 6.600 денари месечно

Министерството за образование и наука го објави конкурсот за сместување во државните и приватните студентски домови за академската 2026/2027 година, со вкупно 3.498 расположливи легла и различна партиципација во зависност од категоријата на домот.

Од вкупниот број места, 699 се наменети за студенти кои првпат ќе се запишат на факултет, додека 2.799 легла се предвидени за студенти од втора до шеста година и за апсолвенти. Најголем капацитет има домот „Гоце Делчев“ во Скопје со 1.216 легла, а во реконструираните згради на „Стив Наумов“ се обезбедени 1.014 места.

Реконструираниот дел од „Стив Наумов“ е категоризиран како студентски дом од Тип 1, односно енергетски ефикасен и реконструиран објект. Вкупната цена за сместување и исхрана е утврдена на 11.000 денари, од кои МОН ќе покрива 4.400 денари, а студентот ќе доплаќа 6.600 денари месечно.

Во домовите од Тип 2 вкупната цена изнесува 6.820 денари. Министерството и студентот ќе покриваат по 3.410 денари. Истата државна партиципација од 3.410 денари е предвидена и за студентите сместени во приватните домови со кои МОН има склучено договор.

Покрај „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“, во конкурсот се опфатени „Кочо Рацин“ во Битола, студентскиот дом во Тетово и приватните домови „Хилјадников“ и „Логос“ во Штип. Поради реконструкција на домот „Никола Карев“, студентите во Охрид ќе бидат сместувани во одморалиштето на МВР. За студентите од домот „Браќа Миладиновци“ во Штип е предвидено сместување во поранешниот приватен дом „ОАЗА“.

Студентите од втора и од повисоките години можат да аплицираат електронски до 31 јули. Пријавувањето на бруцошите ќе трае од 14 до 20 септември. Секој кандидат може да конкурира само за еден дом, а некомплетните пријави нема да бидат рангирани.

Четириесет проценти од местата се резервирани за студенти од семејства со пониски приходи и за ранливи категории, 25 проценти за студенти со особено висок успех, а преостанатите 35 проценти за другите редовни студенти што ги исполнуваат условите

Најчитано