Скопските домаќинства приклучени на најголемиот систем за централно греење од 1 август ќе плаќаат 5,96 отсто повисока цена за топлинска енергија. Според пресметката на Регулаторната комисија за енергетика, просечната месечна сметка за стан од 60 квадратни метри ќе се зголеми од 2.353 на 2.493 денари, односно за околу 140 денари.
Но, износот од 140 денари не покажува колкав ќе биде ударот за помалите и за поголемите станови. Пропорционалната пресметка на Рацин.мк покажува дека за стан од 45 квадратни метри просечната месечна сметка би се зголемила од околу 1.765 на 1.870 денари. Тоа се дополнителни 105 денари месечно или околу 1.260 денари во текот на една година.
За стан од 60 квадратни метри новата просечна сметка ќе изнесува 2.493 денари. Домаќинството досега плаќало околу 28.236 денари во текот на 12 месеци, додека со новата цена годишниот износ би достигнал 29.916 денари. Разликата е 1.680 денари.
Семејство што живее во стан од 80 квадратни метри би плаќало околу 3.324 денари месечно, наспроти досегашните приближно 3.137 денари. Тоа е зголемување од околу 187 денари месечно или 2.240 денари годишно. Вкупната годишна сметка за таков стан би се приближила до 39.900 денари.
Пресметките се ориентациски и се направени со пропорционално приспособување на моделот на РКЕ за стан од 60 квадратни метри. Конечната фактура зависи од затоплуваната површина, ангажираната топлинска моќност, потрошувачката на целата зграда, нејзината енергетска ефикасност и начинот на распределба на трошоците. Домаќинствата обично го плаќаат надоместокот во 12 месечни рати, со авансни и порамнителни фактури.
Поскапувањето од 5,96 отсто се однесува на најголемиот систем составен од ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ Производство на топлина. За корисниците на ЕСМ Енергетика, познато како железарско парно, зголемувањето изнесува околу 5,18 отсто, додека за поранешната топлана Скопје Север, сегашна Енерџи Еколинк, цената се зголемува за околу 3,6 отсто.
Споредбата со греењето на струја не е едноставна. Парното вообичаено го загрева целиот стан, додека едно домаќинство со инвертер или електрична греалка често загрева само една или две простории. За да се добие споредлива слика, пресметката е направена за еднаква корисна топлина од 100 киловат-часови по квадратен метар во текот на сезоната.
Како модел е земена распределба во која 70 отсто од струјата се троши во високата, а 30 отсто во ниската тарифа. Во зависност од тоа дали високата потрошувачка останува во вториот или влегува во третиот блок, варијабилната цена со мрежарина и ДДВ изнесува приближно од 8,05 до 9,66 денари за киловат-час. Актуелните тарифи за домаќинствата се 2,1893 денари во ниска тарифа и од 4,7074 до 19,1904 денари во високата тарифа, зависно од блокот, на што се додава надоместокот за пренос и дистрибуција.
При таква потрошувачка, директното греење со електрични панели, греалки или радијатори би чинело меѓу 36.200 и 43.500 денари за стан од 45 квадратни метри. За 60 квадратни метри сезонскиот трошок би се движел меѓу 48.300 и 58.000 денари, а за 80 квадратни метри меѓу 64.400 и 77.300 денари. Доколку дополнителната потрошувачка го турне домаќинството во четвртиот блок, сметката може да биде значително повисока.
Кај инвертер-клима пресметката е поинаква. Инвертерот функционира како топлинска пумпа и од еден киловат-час електрична енергија може да произведе повеќе киловат-часови топлина. Европската енергетска ознака го користи сезонскиот коефициент SCOP за да покаже колку ефикасно работи уредот во текот на грејната сезона.
Со претпоставен SCOP од 3,5, сезонското греење со соодветно димензиониран инвертер би чинело околу 10.300 до 12.400 денари за 45 квадратни метри. За стан од 60 квадратни метри пресметката изнесува меѓу 13.800 и 16.600 денари, а за 80 квадратни метри меѓу 18.400 и 22.100 денари.
Инвертерот според оваа моделска пресметка има најнизок оперативен трошок, но само доколку уредот има доволна моќност да го загрева целиот стан, објектот има солидна изолација и потрошувачката не преминува во најскапиот блок. Во пресметката не се вклучени купувањето и монтажата на уредите, одржувањето и падот на ефикасноста при многу ниски надворешни температури.
Парното останува поскапо од ефикасно греење со инвертер во поставениот модел, но е поевтино од целосно загревање на станот со класични електрични греалки. Неговата предност е рамномерното загревање на целиот дом и предвидливиот трошок распределен во текот на годината.
Новата цена е пресметана врз основа на прогнозираното движење на цената на природниот гас до крајот на годината. РКЕ најави дека, доколку гасот значително поскапи, пред крајот на 2026 година може да биде утврдена уште една цена што би се применувала од јануари 2027 година.
