Патувате од и кон Грција во понеделник? Овие четири часа избегнете ги по секоја цена

Патниците што во понеделник, 27 јули, планираат да заминат за Грција или да се вратат во Македонија треба да го избегнат утринскиот термин од 6:30 до 10:30 часот по македонско време. Грчките царински службеници најавија четиричасовен прекин на работата, кој може да предизвика сериозен застој на Евзони, Дојрани и Ники.

Според официјалното грчко известување, штрајкот ќе трае од 7:30 до 11:30 часот по грчко време. Прекинот ги опфаќа царинските служби што работат 24 часа, вклучувајќи ги копнените гранични премини, како и царинските пунктови во патничките делови на аеродромите и пристаништата.

За македонските патници најважни се премините Евзони – Богородица, Дојрани – Дојран и Ники – Меџитлија. За време на штрајкот не треба да се очекува нормален проток на сообраќајот, а и по неговото завршување се можни долги колони поради натрупаните возила.

Грчките извори предупредуваат дека последиците нема да бидат исти на секој премин. На одделни пунктови може целосно да запре работата, додека на други возилата би се пропуштале ограничено. Затоа, најбезбедно е преминувањето да се планира пред 6:30 часот или по 10:30 часот, со дополнително време за можните задржувања.

Четиричасовниот штрајк го организира Федерацијата на грчките царински службеници. Причината се неисплатените надоместоци за прекувремена работа, ноќни смени, работа во недела и на празници, како и незадоволството од начинот на распределба на средствата за второто полугодие.

Грчките превознички организации веќе ги предупредија компаниите и професионалните возачи да очекуваат доцнења во преминувањето на товарните возила и во завршувањето на царинските постапки. Во екот на летната сезона, прекинот може дополнително да ги зголеми редиците и за патничките автомобили.

Најчитано