Македонскиот композитор Петар Саркањац, дипломец на престижниот Беркли колеџ за музика во Бостон, САД, својот деби-албум Conference of Grammars ќе го промовира оваа недела, на 21 јуни во 20 часот, во амбиенталниот простор на скопскиот Сули Ан, кој има капацитет од 200 посетители.
Концертот, замислен како настап со вокалисти и жичен квинтет, по многу нешта претставува вистинско освежување во скопските горештини, а воедно е и ексклузивен настан.
Младиот Саркањац е еден од најзначајните домашни современи композитори од помладата генерација, а самиот концерт е наменет за 200-те најбрзи кои ќе обезбедат билет. Билетите можат да се купат електронски преку веб-страницата www.petarsarkanjac.com, како и на влезот во Сули Ан пред почетокот на концертот.

„Вокалистите се изненадување, а жичениот квинтет е составен од членови на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија“, вели Петар, додавајќи дека песните што ќе бидат изведени на концертот се авторски и се напишани на повеќе јазици: англиски, македонски, шпански, португалски и турски. Музиката содржи примеси на самба, фадо, џент (метал) и фолк, аранжирани за жичен квинтет.
Првиот сингл од албумот, темата „Олимп“, во која гостува Андријана Јаневска, веќе е во етерот и може да се слушне на дигиталните платформи.
