Почина Наум Бурназ, доајенот на македонската староградска песна

На 86-годишна возраст во Охрид почина Наум Бурназ, долгогодишен оперски пејач и еден од најпрепознатливите интерпретатори на македонските староградски, изворни и забавни песни.

Бурназ со децении беше присутен на македонската музичка сцена, а неговиот препознатлив вокал и автентичниот пристап кон изворниот мелос го вброија меѓу истакнатите чувари на македонската музичка традиција. Настапуваше во земјата и пред македонската дијаспора, пренесувајќи ги староградската песна и охридскиот мелос пред повеќе генерации публика.

Долги години беше член на ансамблот на Македонската опера, од каде што замина во пензија. Меѓу неговите најпознати интерпретации се „Бор садила мома Евгенија“, „Мома крај извор седеше“, „Ој, љубов, љубов“ и „Песна за патријархот“, позната и како „1762 лето“.

Во 2024 година Бурназ ја доби статуетката за трајни заслуги на Општина Кисела Вода, како признание за неговиот придонес во македонската опера и афирмацијата на староградските и забавните мелодии. Признанието му беше врачено во неговиот дом на денот на неговиот 84. роденден.

Од Наум Бурназ преку социјалните мрежи се простија негови колеги, почитувачи и членови на семејството. Последна почит ќе му биде оддадена денеска, 23 јули, од 13 часот во капелата на Градските гробишта во Охрид.

Најчитано