Почнаа летните колони кон Грција: По 40 минути се чека на Богородица и Дојран

Зголемена фреквенција на возила утрово е регистрирана на граничните премини Богородица и Дојран, каде за излез од Македонија се чека околу 40 минути, информираат од Автомото сојузот на Македонија.

На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.

Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е умерен, а сообраќајот се одвива непречено по суви коловози.

Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да возат внимателно, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност од одрони.

Како потенцијално поризични се посочуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15 април повторно е отворен и патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица за возила со вкупна маса до 3,5 тона.

Со почетокот на летната сезона и засилените патувања кон грчките летувалишта, се очекува фреквенцијата на Богородица и Дојран дополнително да се зголемува, особено во текот на викендите.

Најчитано