Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Преспанскиот договор е сведоштво за моќта на дипломатијата и компромисот, ЕУ не беше праведна кон Северна Македонија

Придобивките од Договорот од Преспа, како за двете земји, така и за поширокиот регион, периодот на преговорите, спроведувањето и од Скопје и од Атина, ставовите на Нова демократија и ВМРО-ДПМНЕ, но и ЕУ перспективата на земјава, беа дел од темите во фокусот на двете одделни панел дискусиите на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина во организација на „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Заев“.

На едната панел-дискусија учествуваа поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев, а на другата медијаторот Метју Нимиц, и поранешните шефови на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Паралелно, на маргините на конференцијата, специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации во разговорите за името Метју Нимиц, беше награден со „Преспа наградата за мир“, што му ја врачија Ципрас и Заев за неговиот придонес во решението меѓу двете земји, а генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш испрати видеопорака. 

Поранешниот премиер Зоран Заев на присутните им ја раскажа старата легенда за Преспанското езеро, приказната за заљубената девојката Преспа, коментирајќи дека наспроти легендата која е измислена, „нашиот договор е убава реалност“. Се осврна на наградите за мир што ги добија заедно со Ципрас и номинацијата за нобелова награда.

– Најголемата награда е самиот мир, истакна Заев.

Во однос на актуелната ситуација по промената на власта кај нас, упати пораки и до идниот премиер Христијан Мицкоски и до актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис.

За Мицкоски рече дека досега има потврдено дека ќе го почитува договорот, името ќе го користи писмено, „но нема потврдено дека усно ќе го користи уставното име“.

Нагласи дека без употреба на уставното име ќе го прекрши и Уставот на земјата и меѓународното право и го повика да покаже лидерство.

Од друга страна, за Мицотакис рече дека ако навистина го поддржува европскиот пат на Северна Македонија, за кој се бореше во минатото, тогаш да ги ратификува трите меморандуми, од кои едниот се однесува токму на ЕУ перспективата и истакна дека во суштина, во пракса се спроведуваат, но грчкиот премиер „не сака да ги стави на гласање“.

На меморандумите се осврна и Ципрас кој ја повика актуелната Влада да ги ратификува, а во однос на тоа дали самиот договор предвидува гаранции во случај да не се почитува, објасни дека самите гаранции се веќе вклучени.

– Мудроста на договорот е дека суштинските гаранции уште од почеток се вклучени во самиот договор, рече Ципрас и објасни дека првата гаранција е промената на Уставот, вториот е европската иднина, со која доаѓаат и европски средства, членството во НАТО, а последното е одредбата на САД, што предвидува санкции дури и индивидуални за оние кои нема да го почитуваат договорот.

Паралелно, изрази надеж дека новиот премиер на Северна Македонија ќе го почитува договорот ќе се приспособи на реалност дека името на земјата е Северна Македонија.

Ципрас откри дека идејата договорот да се потпише во регионот на Преспа, била лично негова, бидејќи „Преспа е место кое беше синоним на граѓанската војна – синоним на војната и омразата, а сега, по договорот „Преспа нема да симболизира војна, туку мир“.

Поранешниот грчки премиер коментирајќи го моментумот за решение, рече дека Преспанскиот договор се постигна благодарение на тоа што во тој период во двете земји имаше прогресивни влади.

Истакна дека ако не се решеше тогаш прашањето, сега, можеби ќе постоеја притисоци врз Грција за членство во НАТО под името Македонија.

Ципрас го потврди она што на претходниот панел го откри поранешниот шеф на грчката дипломатија дека го запознал Заев пред да стане премиер и му рекол дека кога ќе дојде на власт ќе го реши името, истакнувајќи дека пораката беше пратена преку Коѕијас.

За текот на преговорите говореа Нимиц, Димитров и Коѕијас, а медијаторот посочи дека поголемиот дел од неговата 20 годишна кариера ја посветил на тоа да ги слуша страните, а во пресрет на Договорот од Преспа најважен бил процесот, односно изградбата на довербата меѓу двете страни, истакна дека е компромис, а компромисите се тешки, но решението е важен и за двете земји и за целиот регион и упати повик до сите да го почитуваат.

На довербата меѓу двете страни се осврна и поранешниот шеф на дипломатијата, кој рече дека на почетокот на разговорите акцентот бил ставен на тоа „да се изгради доверба и да влезеш во чевлите на другиот, да ги земеш предвид проблемите околностите на другата страна“.

-Договорот од Преспа е вин-вин и за Грција за Северна Македонија, но и за Балканот, за Европа и за новите генерации, истакна Димитров, посочувајќи дека двете страни во моментов не смеат да се впуштат во „игра на меѓусебни обвинувања“ со оглед на тоа дека „сега за прв пат имаме две политички сили во двете земји кои го критикуваа договорот“.

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас Договорот од Преспа го според и со бебе на кое му е потребна грижа, а упати критики до актуелната грчка Влада дека не ја продолжи „позитивната агенда на Преспа“, дека Мицотакис пет години колку што е на власт не го посети Скопје, немаше средба меѓу владите, немаше соработки меѓу министерствата, меѓу граѓанскиот сектор.

Критики упати и до Европската Унија велејќи дека „не беше праведна со оваа земја.

– Решението е лесно, грчката Влада да ѝ каже на бугарската Влада дека нема да гласаат за влез во Шенген зоната, ако не го тргне ветото за Северна Македонија, истакна Коѕијас.

Додаде дека со отворање на европскиот пат на Северна Македонија ќе се отвори патот за мир стабилност и безбедност во регионот, но и ЕУ перспектива за останатите земји од Западен Балкан.

Поранешниот премиер Владо Бучвкоски на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина истакна дека во процесот на градење доверба со Грција треба внимателно да се постапува и да не се нарушуваат односите.

„Грција е многу важна за нашата иднина. Во нашата кратка историја како независна држава недостатокот на стратешки партенр во регионот ни беше најголем проблем. САД ни се стратешки партнер, но во регионот немавме“, рече Бучковски.

На првиот ден од Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина во организација на „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Заев“, присутна беше речиси целата пратеничка група на СИРИЗА, членови и поддржувачи на партијата, а панелот на Заев и Ципрас го следеше и лидерот на партијата како и претставници на Нова левица и ПАСОК.

Зачлени се на нашиот е-билтен