Руско-американски врски на организациите со „родова идеологија“ и за заштита на семејните вредности во Македонија

Family Watch International, групата со седиште во Аризона и која е главен партнер на „Коалицијата за заштита на децата“ во Македонија, во 2016 година, учествуваше на настан, конференција, во Тбилиси, главниот град на поранешната советска република Грузија и ги посочија Русија на претседателот Владимир Путин и Руската православна црква како бранители на „христијанската цивилизација“ против секуларниот, декадентен Запад.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Порталот 360 степени, деновиве, под индикативен наслов – „Како граѓанско-религиозни здруженија се покажаа посилни од некои локални власти“, објави прилично сеопфатна анализа за појавата на масовна регистрација на граѓанско-религиозни здруженија, кои во изминатите две-три години пројавија интензивни активности и политички барања кои се однесуваат на политиките за родова еднаквост.

Овој изблик на организации со конзервативен пристап кон „родовата идеологија“ се совпадна и со периодот кога во Северна Македонија се покренаа прашањата за измени и дополнувања на законите за матична евиденција и за родова еднаквост, врз основа на Стратегијата за родова еднаквост што Владата ја донесе во 2022 година.

Една од првите граѓанско-верски организации е „Коалиција за заштита на децата“, а потоа следуваше и основањето на другите како „Родителски фронт“ од Струмица, „За наше Кочани“ и „Будност“, исто така од Кочани и некои други.

Сите овие, а и некои други со слична или идентична програмска ориентација, дополнително со некои исклучиво верски здруженија, се практично дел од „Коалицијата за заштита на децата“ која се промовира како „чадор“ организација.

На страницата zadecata.org можат да се најдат сите партнери на коалицијата, како и логоата на партиите  Родина, МААК и Интегра.

Но, на Фејсбук страницата на „Коалицијата за заштита на децата“ ќе најдете и објави кои насочуваат на пораки од ВМРО-ДПМНЕ, кои се во согласност со „родовата идеологија“ на оваа коалиција.

Една таква објава е обраќањето на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александара Николовски која што е пренесена на нивната страница на социјалната мрежа.

„За нас мажите се мажи, жените се жени, момчињата се момчиња, девојчињата се девојчиња и има здраво да живеат во пристојни семејства, а не да водиме некакви си родови политики. Затоа што она кое што го дала природата ниедна фондација, ниту едни пари, ниту едни продадени души не можат да го променат“.

Сепак, она што паѓа во очи кога ќе ги пребарате достапните извори за „Коалицијата за заштита на децата“ и за партнерските организации, се нивните врски со центри кои во светот се препознаваат како екстремно десничарски и екстремно христијански верски организации или цркви.

За највлијателен партнер на „Коалицијата за заштита на децата“ во анти-родовите наративи, од „360 степени“ укажуваат на Фондацијата „Елеуса“. Фондацијата, според статутот, е регистрирана пред сè за помош на социјално загрозените лица. Но, во јавноста најчесто е присутна со антиродовите ставови и тоа искажани од отецот Јаков Стобиски.

Главни регионални партнери, како што посочува „360 степени“, им се бугарската „Асоцијација за општество и вредности“ и хрватската „Во име на семејството“. Според нивните веб-страници и извештаите на медиумите, исто така станува збир за крајно конзервативно-верски организации.

Путин – „лав на христијанството“

Авторот на анализата на „360 степени“ уште нотира дека иако „Коалицијата за заштита на децата“ се декларира како невладина организација, таа не е регистрирана во Централниот регистар под тоа име и дека регистрантот на доменот е од Флорида, САД.

Главен партнер на „Коалицијата за заштита на децата“ од странство, како што стои на нивната веб страница zadecata.org, e Фемили воч интернешнл (Family Watch International).

Во анализата на „360 степени“ се објавени податоци кои говорат дека станува збор за американска христијанска организација, која, според извештаите на повеќе светски медиуми, иако јавно се залага за „семејни вредности“, активно лобира и врши притисок, пред сè во земјите во Африка, во насока на забрана на абортусот, против ЛГБТИ-заедницата, за прекин на сеопфатното сексуално образование.

Со дополнителното пребарување на интернет, Рацин.мк откри дека Фемили воч интернешнл (Family Watch International) е дел од Светскиот конгрес на семејстава (World Congress of Families, WCF), алијанса која опфаќа неколку десеттици организации во светот со иста идеологија за заштита на семејните вредности и со остри напади и реторика кон родовите прашања и ЛГБТ заедницата.

За генезата на Светскиот конгрес на семејстава – СКС (World Congress of Families, WCF), порталот „Кампања за човекови права“ (Human Rights Campaign) пишува дека СКС (WCF) е зачната во Русија и има длабоки врски со Руската православна црква и режимот на Путин. Порталот нотира дека во СКС има членови на руската влада, од кои некои се санкционирани од САД по руската инвазија на Украина

За генезата на Светскиот конгрес на семејстава – СКС (World Congress of Families, WCF), порталот „Кампања за човекови права“ (Human Rights Campaign) пишува дека СКС (WCF) е зачната во Русија и има длабоки врски со Руската православна црква и режимот на Путин. Порталот нотира дека во СКС има членови на руската влада, од кои некои се санкционирани од САД по руската инвазија на Украина.

СКС (WCF) ја име преземено целосната заслуга за руските закони против ЛГБТ и против правото на избор, и ја смета Русија – и конкретно претседателот Путин – како модел што треба да го следат САД.  

И порталот Отворена демократија (Open Democracy) укажува на фактите на повеќемина африкански активисти за човекови права кои наведуваат дека „помеѓу 2010 и 2015 година, анти-ЛГБТ движењето во Африка „во голема мера биле бели евангелисти од САД, како што се Family Watch International и Светскиот конгрес на семејствата ( WCF), кои се дел од меѓународната верска конзервативна мрежа предводена од центри во САД и Русија“.

Со оваа тема, во светски рамки истражувале и новинарите не Њујорт Тајмс. Во текст под наслов „Што бара Марија Бутина на Молитвениот појадок?“ (What Was Maria Butina Doing at the National Prayer Breakfast?) тие прашуваат по кој основ докажаната екстремна националистка и блиска соработничка на Путин била поканета на традиционалниот Молитвен појадок во Вашингтон.

Во потрагата по овој одговор тие стигаат до заклучокот дека „врската меѓу американските христијански националисти и руската влада датира одамна, многу пред некој да ја замисли можноста за администрација на Трамп“.

Во прегледот на анализата на Њујорк Тајмс за врските меѓу христијанските екстремистички центри во САД и Русија, се укажува на врските на Фемили воч интернешнл (Family Watch International) и на Светскиот конгрес на семејстава (World Congress of Families, WCF) со Кремљ.

Тие потсетуваат дека Светскиот конгрес на семејствата (СКС) е група формирана во Русија во 1997 година и дека претставници на СКС и на Family Watch International, групата со седиште во Аризона која промовира анти -ЛГБТ и анти-абортус агенда низ светот и која е главен партнер на „Коалицијата за заштита на децата“ во Македонија, во 2016 година, учествувале на настан, конференција, во Тбилиси, главниот град на поранешната советска република Грузија и ги посочиле Русија на претседателот Владимир Путин и Руската православната црква како бранители на „христијанската цивилизација“ против секуларниот, декадентен Запад.

Во пресрет на изборите во 2016 година, потестува Њујорк Тајмс, кога Трамп стана претседател на САД, страста за руските вредности кај американските религиозни екстремисти стана уште пожестока, па тие го нарекоа Путин „лав на христијанството“.

Орбан – лавчето на проруските вредности во Европа

И една европска земја е пријателски и партнерски настроена кон екстремните десночарско-религиозни групации во светот.

Во ноември минатата година Политичката мрежа за вредности (PNV), екстремно десничарски конзервативен меѓународен тинк-тенк што го финансира унгарската влада, беше домаќин на „Трансатлантскиот самит“ во Њујорк. На самитот, на кој учествуваа групи на омраза против ЛГБТК, и граѓанското општество беа и претставниците на Family Watch International (FWI) и Алијансата што ја брани слободата.

Унгарија стана омилена нација на меѓународното движење на тврдата, или, екстремната десница, поради нејзината антиимиграциска, анти-ЛГБТК и конзервативна семејна политика. Булцу Хунјади, шеф на Програмата за следење на радикализацијата и екстремизмот во унгарскиот тинк-тенк „Политички капитал“ изјави за Hatewatch дека Унгарија веројатно ја користи PNV за да добие „пристап до меѓународните мрежи и да се претстави на меѓународната сцена како пионер“ на „традиционалните семејни политики“ за да ги зајакне унгарските важност на меѓународно ниво.

Ете, во таа мрежа, по сѐ чини дека се најдоа и нашите домашни новонастанати граѓански организации за заштита на традиционалните семејни вредности. Секако, во слободна и демократска држава тоа е нивно легитимно право, но во транспарентноста на нивните политики, и, особено, за изворите од каде доаѓа поддршка за нивните активности, јавноста има право да добие најцелосен увид.

Треба да знаете
Moже да ве интересира