САД, Јужна Кореја и Јапонија се согласија да формираат консултативна група на високо ниво за да се спротивстават на севернокорејските кибер-напади за кои велат дека се користат за финансирање на севернокорејските програми за нуклеарно оружје, соопшти денеска кабинетот на јужнокорејскиот претседател.
Заменик-советничката за национална безбедност на САД за кибер-технологии, Ен Нојбергер минатата недела разговараше во Вашингтон со нејзините колеги од Јужна Кореја и Јапонија.
Тие се согласија да одржуваат квартални состаноци во нов формат со цел зајакнување на ефикасноста на трите земји во одговорот на глобалните кибер-закани, вклучително и заедничко спротивставување на кибер активностите на Северна Кореја, се вели во соопштението.
Лидерите на САД, Јужна Кореја и Јапонија во август се состанаа на самит во Кемп Дејвид кога се договорија да формираат нова трилатерална работна група за справување со кибер-заканите на Северна Кореја.
Во извештај на Обединетите нации се вели дека Северна Кореја минатата година ја засилила кражбата на криптовалути, користејќи софистицирани техники. Северна Кореја ги отфрли обвинувањата за хакерски и други кибер-напади. (МИА)