Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Северна Македонија денеска празнува, честит Илинден и АСНОМ

Со низа свечености и манифестации под слоганот „Борбата трае“ денеска ќе биде одбележана 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република и 80 години од Првото заседание на АСНОМ. Централната манифестација за одбележување на Илинден – Денот на Републиката ќе се одржи во Крушево на Гумење и на месноста Мечкин Камен, каде ќе има обраќање премиерот Христијан Мицкоски, кој претходно ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот Слива и на Мечкин Камен.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе има свое обраќање на манифестацијата во Пелинце, каде ќе положи цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ и ќе ја посети спомен собата во Меморијалниот центар. Во рамки на чествувањето ќе настапи ансамблот за народни игри и песни „Танец”. Потоа заедно со српскиот колега Александар Вучиќ, Сиљановска Давкова ќе го посети манастирот „Свети Прохор Пчињски“ каде се одржало Првото заседание на АСНОМ. Двајцата претседатели на пладне заеднички ќе имаат обиколка на црквата во манастирскиот комлекс, по што ќе одржат состанок, а потоа ќе имаат обраќање пред медиумите и присутните гости.

Во состав на државно-црковната делегација на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ се и потпретседателката на Собранието Весна Бендевска, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, македонскиот амбасадор во Белград Никола Тупанчески, претставниците од Сојузот на борци, Наум Буревски и Снежана Несторовска и Митрополит Кумановско-осоговски Григориј.

Претседателот на Собранието Африм Гаши, пак, ќе положи цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје и ќе има свое обраќање на манифестацијата по овој повод која ќе се одржи пред зградата на Собранието. На истите локации цвеќе ќе положи и партиска делегација на СДСМ предводена од претседателот Венко Филипче.

Цвеќе пред спомен обележјата во Крушево, Пелинце и Скопје ќе положат и собраниски делегации и делегации од Кабинетот на претседателот.

Чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република со низа свечености почна вчера во Крушево кога делегации ја посетија Спомен куќата на Смилевскиот конгрес и споменикот на Дамјан Груев, а беше отворена и манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ со читање на Крушевскиот манифест и подигање на бајракот на Крушевската Република.

Зачлени се на нашиот е-билтен