Сиљановска-Давкова бара еднаков третман, не нови охрабрувања

Еднаков третман за Македонија и за земјите од Западен Балкан на патот кон Европската Унија побара претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Братислава, на заедничката прес-конференција со словачкиот претседател Петер Пелегрини, порачувајќи дека по децении охрабрувања, регионот треба да биде вреднуван според истите правила како и сите други кандидати.

Сиљановска-Давкова нагласи дека Македонија бара да биде третирана како останатите земји кандидатки и да биде оценувана според Копенхашките критериуми. Според неа, земјата треба да добие можност да се фокусира на реформите и владеењето на правото, наместо да ја троши енергијата на билатерални прашања што, како што рече, немаат врска со духот и словото на тие критериуми.

Претседателката оцени дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ не е само политичко, туку и безбедносно и стратешко прашање во време на геополитички превирања. Таа порача дека регионот не смее да биде прескокнат и дека не е доволно со децении да добива охрабрувања без реален напредок во процесот.

Во Братислава, Сиљановска-Давкова го поздрави ставот на Словачка дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања и преговори. Таа побара разбирање, а не поттикнување на употребата на ветото во врска со кластерите и поглавјата, нагласувајќи дека суштината на ЕУ е меритократски пристап, односно напредување според заслугите.

Пелегрини, од своја страна, порача дека проширувањето треба да биде фер, предвидливо и засновано на исти правила за сите кандидати. Тој истакна дека ниедна земја не треба по скратен пат да влезе во Европската Унија, бидејќи тоа би било нефер кон земјите од Западен Балкан кои долги години се заглавени во евроинтеграцискиот процес.

Пораката од Братислава доаѓа во период кога Македонија повторно се соочува со застој во европската агенда и со отворена дилема дали процесот се води според реформи или според политички блокади. Сиљановска-Давкова затоа ја постави темата пошироко: Европа како природен дом на регионот, но и како систем што треба да ги применува сопствените правила еднакво кон сите.

Најчитано